Вести|

29 март 2022, Скопје – Владата го усвои предлогот на Министерството за финансии за измена на Уредбата за приватизација на градежно државно земјиште, со што се менува висината на надоместокот за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост. Со измените, за 30 пати се зголемува цената на неизграденото земјиште наменето за колективно домување и комерцијален деловен објект, а за стопански производни објекти таа се зголемува за 20 пати. Надоместокот за приватизација на државното градежно земјиште, што е за индивидуално или колективно домување што е веќе изградено, останува непроменет и изнесува 61 денар за метар квадратен.

Уредбата се однесува на надоместокот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост што се спроведува од страна на Управата за имотно правни работи. Станува збор за приватизација на државно земјиште само во услови каде што е стекнато корисничко право.

Предложената измена се врши поради зголемената пазарна вредност на градежното земјиште во однос на вредноста на градежното земјиште во 2005 година, кога стапи во сила Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, а пред сè да им се оневозможи на правни и физички лица кои по основ на приватизација по досегашниот надомест за приватизација ги реализираа градбите за намени предвидени со актите за планирање на просторот (колективно домување, комерцијални, деловни, стопански, производни објекти и објекти наменети за спорт и рекреација) и на овој начин стекнуваа имотна корист.

Висината на надоместокот ќе зависи од тоа во кој од петте региони се наоѓа земјиштето и дали е во или вон централно подрачје.

Оттаму, во скопските општини за неизградено земјиште за колективно домување и комерцијален деловен објект висината на надоместокот ќе изнесува 13.140 денари за метар квадратен, за стопански производни објекти 8.760 денари, а за објекти за спорт и рекреација 4.380 денари.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *