1 април 2022, Скопје – Агенцијата за развој на САД (УСАИД) е значаен партнер на РС Македонија во изминатите 30 години во постигнувањето на нејзините стратешки цели и стандардите за членство во НАТО и пристапување во ЕУ. Тоа беше констатирано на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со претставникот на УСАИД во земјава, Ерик Јановски, кој го завршува својот мандат во втората половина од април 2022 година.
На средбата, министерот Бесими се заблагодари за досегашната соработка и за поддршката на нашата земја, добиена од страна на Јановски и од УСАИД, и му посака успех во понатамошната кариера. Министерот оцени дека поддршката е значајна за РС Македонија и дека очекува таа да продолжи и во иднина.
Соработката меѓу двете земји е дефинирана преку Стратегијата за развој и соработка за периодот 2020-2025 година, со којашто е предвидена поддршка од 56,6 милиони американски долари, со што УСАИД ја помага нашата земја да има водечка улога во остварувањето на нејзиниот развој, како најнов сојузник и 30-та земја членка на НАТО, како и при започнување на преговорите за пристапување во ЕУ. Во рамки на Стратегијата, минатата година беа потпишани договори за грант со кои беа доделени средства во износ од 11,8 милиони американски долари, коишто се наменети за зајакнување на економската конкурентност и на борбата против корупцијата.
Министерството за финансии и УСАИД заедно работат и на зајакнување на капацитетите на општините и на унапредување на фискалната децентрализација. Во оваа насока, предвидени се активности преку петгодишниот проект „Зајакнување на активноста за мобилизација на ресурсите“ со вкупен фонд од 6,5 милиони долари. Во рамки на тој проект најавено е и учество на министерот Бесими на конференција на тема „Нови партнери и подобро општинско буџетирање“ што ќе се одржи на 6-ти овој месец.
Имено, УСАИД досега во земјава има инвестирано над 833 милиони американски долари за развојни цели.