Вести|

11 мај 2022, Скопје – Во време кога глобалните и европските економии се соочуваат со најголемите предизвици во изминатите неколку децении, почнувајќи од кризата предизвикана од КОВИД-19, а проследена со енергетската криза, ценовните притисоци и војната во Украина, она на што сите мора да останеме посветени, особено економиите во развој како нашата, е да продолжиме со реализацијата на реформската агенда и спроведувањето структурни реформи. Ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими во онлајн обраќање на Годишното собрание на ЕБОР, што се одржува во Маракеш, Мароко.

Притоа, министерот потенцира дека со оглед на предизвиците со кои се соочува светот, вклучувајќи ги и климатските промени кои се сериозна закана за општеството и економијата, „зелените проекти“ и ориентацијата кон зелена економија се високо на нашата агенда, но, исто така, ориентирани сме и кон искористување на придобивките од модерната технологија и дигитализација и на тој начин создавање синергија и подобрување на продуктивноста.

Во насока на поттикнување на економскиот развој на РС Македонија и спроведување на реформската агенда, министерот го истакна значењето на Планот за забрзан раст, како и поддршката што ја добиваме од ЕБОР.

„Европската банка за обнова и развој, од 1993 година, веќе речиси три децении е дел од процесот на градење модерна, конкурентна, пазарно-ориентирана економија, кон што се стреми Република Северна Македонија. Со 158 проекти коишто придонесоа и ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на нашата економија, за поврзувањето со регионот и за влез во ЕУ, како и за зелената транзиција, со право можеме ЕБОР да ја наречеме наш долгорочен и посветен развоен партнер“, рече министерот Бесими.

Во јавниот сектор, со поддршка од ЕБОР, се реализираат инвестиции во железничкиот сектор и во патната инфраструктура, во енергетската инфраструктура, во модернизација на опремата за воздухопловна навигација, потоа инвестиции во јавниот транспорт, за пречистителни станици, додека преку кредитни линии ЕБОР е присутна и во поддршка на приватниот сектор, особено за зголемување на конкурентноста на малите и средни претпријатија, за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

ЕБОР дава значајна поддршка на нашата земја на патот кон евроинтеграциите, а дел од соработката со ЕБОР се одвива и во подобрувањето на инвестициската клима, поттикнувањето на меѓународната трговија, соработката со државните претпријатија во енергетскиот и инфраструктурниот сектор, сè до зајакнување на нивното корпоративно управување.

Министерот во обраќањето потенцира дека оваа поддршка на ЕБОР за нашата земја, како и реализираните инвестиции во целиот свет, придонесуваат кон промена на условите за живот на милиони жители и дека и во иднина треба да се придонесува за подобар живот за граѓаните.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *