Вести|

16 мај 2022, Скопје – Преку реструктурирање на Буџетот ќе се направи простор и за евентуални мерки кои ќе помогнат во надминување на кризата. Секаде каде што може ќе се крати со ребалансот, на кој веќе се работи, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој посочува дека тековната криза е афтершок од пандемијата на ковид-19 и како таква би требало да биде послаба од првичниот удар, како и дека основните сценарија на меѓународните финансиски организации за годинава предвидуваат раст за глобалната и домашната економија.

„Во Министерството за финансии веќе се одвиваат консултации со институциите за степенот на реализација на проектите и тековните расходи. Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може – ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои, со оглед на ситуацијата, најверојатно ќе бидат повторно потребни“, пишува Бесими.

Министерот за финансии посочува дека досегашниот одговор на Владата на тековната криза е еден од најсилните во регионот.

„Од почетокот на кризата па досега одговорот на Владата изнесуваше 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Оваа сума е меѓу најсилните одговори на кризата во регионот. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. Нашата цел како Влада е да дадеме поддршка на граѓаните, на ранливите категории пред сè, да ја одржиме економијата на здрави нозе и да ја надминеме оваа криза, а потоа да се вратиме на патеката и целта кон која се стремиме – повисоки и одржливи стапки на економски раст“, се вели во колумната на министерот Бесими.

Тој посочува дека војната во Украина донесе една битна дилема за носителите на политиките. Соочени со кризи, една по друга, а справени со предизвикот да не се отстапи од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на трите цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација.

„Меѓународниот монетарен фонд и Светска Банка советуваат дека фискалната политика треба да се прилагоди согласно степенот на изложеноста на економијата кон војната во Украина, состојбата со пандемијата и текот на закрепнувањето на економијата. Од една страна, поради неопходната фискална експанзија, во многу земји во текот на пандемијата долгот достигна рекордно високо ниво. Исто така, како резултат на реакцијата на централните банки на ценовните притисоци преку затегање на монетарната политика, владите се соочуваат со високи каматни стапки на пазарите на капитал. Сепак, потребата за консолидација не треба да ги спречи владите да им дадат приоритет на соодветните мерки за поддршка на стандардот на ранливите категории граѓани, чувствителни на ценовните притисоци и заштита на економијата“, пишува министерот за финансии во својата колумна.

Тој истакнува и дека од аспект на управувањето со јавните финансии за остварување на целите од неизбежниот триаголник се пристапува од трите страни на Буџетот: на страната на расходите со кратење и реприоритизација, на страната на приходите со реформи за поголема ефикасност и консолидација, и на страната на финансирањето со одржливи инструменти.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *