20 мај 2022, Скопје – Поранешните министри за финансии, вчера во просториите на Министерството за финансии, се состанаа со министерот за финансии, Фaтмир Бесими во рамки на Скопје економски и финансиски форум. Целта на средбата беше да се искористи нивното искуство и знаење при конципирањето на програмските цели на СЕФФ.
Целта на СЕФФ е да ги поттикне сите чинители да понудат решенија што ќе бидат добар одговор на предизвиците со кои се соочуваме, но и на она што доаѓа по нив, а поранешните министри за финансии со нивното искуство значајно придонесуваат за тоа.
СЕФФ е замислен да функционира како платформа за дијалог на економски и финансиски теми, а истиот го иницираше Министерството за финансии минатата година. Во рамки на СЕФФ на крајот на овој месец ќе се одржи втората Годишна конференција на тема „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“. Фокусот ќе биде на макроекономски предизвици во турбулентни времиња, отпорност, конкурентност и регионална соработка, енергија, зелена транзиција и инфраструктура, и што по кризата: двигатели за одржлив раст.
Покрај истакнатиот нобеловец Пол Кругман, меѓу потврдените учесници на Конференцијата се повеќе истакнати економисти, високи претставници на меѓународни финансиски институции, министри за финансии, гувернери…, кои ќе ги образложат своите гледишта и ќе дебатираат на една од осумте панел-дискусии на СЕФФ 2022.