31 мај 2022, Скопје – Предизвикот на кус рок е да се направи баланс помеѓу фискалната поддршка на граѓаните и фирмите и одржување стабилно ниво на јавниот долг. На среден рок потребно е да се спроведе процесот на фискална консолидација, но истовремено и да се работи на забрзување на растот преку структурни реформи и инвестиции во инфраструктурата, зелената транзиција, човечкиот капитал и дигитализацијата.
Ова се накусо заклучоците од Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ, дадени од министерот за финансии, Фатмир Бесими и поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Трајко Славески, Зоран Ставрески, Кирил Миноски, Драган Тевдовски и Нина Ангеловска.
Министерот за финансии Бесими посочи дека иако кризата беше вистински предизвик, покрај тековните политики за справување со кризата, треба да се гледа и долгорочно, кон тоа како да се постигне повисок и одржлив долгорочен раст. Ова е предвидено и со Планот за заздравување и забрзан економски раст, кој покрај фискалната консолидација предвидува агенда на која се амбициозни инфраструктурни инвестиции, вложување во човечки капитал, дигитализација и одржлива зелена енергија и зелен раст.
Еден од првите министри за финансии, Хајредини ја истакна важноста од инвестирањето во обновливи извори на енергија, како и нужноста да се инвестира во енергетски капацитети, нешто што со децении не се правело и поради што ефектите од енергетската криза во земјава значително се чувствуваат.
Фити и Миноски истакнаа дека вложувањето во човечки капитал и образование можат значително да придонесат во подобрувањето на структурата на економијата. Фити посочи дека мора да генерираме луѓе со знаења и вештини адекватни на барањата на пазарот на трудот, но истовремено мора да се осигури и подобро искористување на човечките ресурси на трите нивоа. Славески, пак, рече дека треба да се работи на одржлив економски модел, со поддршка на извозните претпријатија, кој би дал резултати.
Поповски и Ставрески дискутираа за инфлацијата, ефектите од неа и што треба да се преземе во рамки на фискалната политика. Ставрески посочи дека во време на висока инфлација монетарната политика се затегнува, но со оглед на тоа дека во исто време економската активност забавува мора да се води експанзивна фискална политика. Но, сепак, колку ќе биде експанзивна треба да се земе предвид и стабилноста на јавниот долг. Оттаму треба да се настојува да се направат заштедите што може да се направат.
На овој став беше и поранешниот министер за финансии Тевдовски, кој посочи дека е многу важно таргетирањето на мерките и приоритизирањето на трошењата.
Поранешната министерка Ангеловска истакна дека земјата успеала успешно да се избори со една од најголемите економски кризи, каква што беше кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, што покажува дека нашата економија е отпорна и дека може да постигне развој.