Вести, Колумни|

Платформа за отворен дијалог и инклузивност

4 јуни 2022, Скопје – Неделава што веќе изминува, Скопје беше центарот на економската дискусија во регионот. Над 400 гости од меѓународни рамки, од регионот и од кај нас беа дел од втората годишна конференција на Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ. Ако нобеловецот Јозеф Стиглиц беше во фокусот на годинашниот Светски економски форум во Давос, ние ја имавме честа да бидеме домаќини на уважениот професор и добитник на Нобеловата награда за економија, Пол Кругман, кој даде мошне интересен осврт кон тоа каде оди економијата, но за тоа подолу во текстот. Покрај нобеловецот Кругман, плејада значајни имиња од економијата, финансиите и бизнис-секторот од регионот, но и од светски рамки, учествуваа на СЕФФ. Не би сакал никој да ми замери, но во интерес на просторот ќе спомнам само неколку: претседателката на Европската банка за обнова и развој, Рено-Басо, потпретседателката на Светска банка, Бјерде, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Павлова, еврокомесарот Хан, поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, успешниот бизнисмен Мајк Зафировски, светски познатиот режисер Милчо Манчевски, министри и истакнати универзитетски професори од земјава и регионот, директори на регионални претставништва од скоро сите меѓународни организации, истакнати бизнисмени и претседатели на стопански комори од регионот, претставници на невладиниот сектор итн.

Настанот имаше значајна поддршка и од државниот врв, па свои обраќања за предизвиците и перспективите имаа претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата. Би сакал од срце да изразам голема благодарност до сите што со својата дискусија и присуство придонесоа конференцијата на СЕФФ да биде достојна на настани од светски калибар. Огромна благодарност и до партнерите што ја поддржаа нашата платформа за дијалог. Особена благодарност до мојот тим за организацијата, којшто покажа посветеност, професионална прецизност и дисциплина, од планирањето до реализацијата на настанот.

На мое големо задоволство, СЕФФ за кусо време прерасна во бренд, и мое и залагање на тимот, ќе биде и понатаму да го градиме тој бренд, бидејќи е од исклучително значење за промоција и позиционирање на нашата земја. Но, СЕФФ е многу повеќе од само конференција од висок профил. СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за олеснување и поттикнување на дебатата за јавните политики во земјава и во Југоисточна Европа, преку годишни конференции, семинари, анализи. Оваа платформа има за цел да ги инволвира сите чинители во креирањето на политиките – политичарите, институциите, експертската јавност и бизнис-секторот, невладиниот сектор и младинските организации. Очекуваниот резултат од оваа платформа е постигнување синергија при креирање нови политики и мерки за економско заздравување и инклузивен, забрзан зелен раст.

СЕФФ е дел од концептот СМАРТ финансии (S-Strategical, M-Maintainable, A-Accountable, R-Reform-oriented, T-Transparent) или паментни финансии, што го применуваме во Министерството за финансии. Овој концепт се однесува на поставување на политиките врз основа на темелна, сеопфатна и долгорчна стратегија, донесена врз база на факти и докази, а со цел да ги даде оптималните резултати. Концептот СМАРТ се однесува и на справување со тековните предизвици, без притоа да се изгуби големата слика, она кон што долгорочно се стремиме – забрзан и одржлив раст, којшто ќе го постигнеме со јасно утврдена реформска агенда.

 

Големата слика: Раст во време на неизвесност?

Се наоѓаме во специфично време, време исполнето со комплексни економски предизвици. На сѐ уште незавршена економска криза, започнува втора, па трета, шоковите се акумулираат, додека неизвесноста продолжува. Во вакво време, многу е битно не само за економистите и креаторите на политиките, туку и за целата јавност, за граѓаните, да ја видат и да ја разберат целата конотација. Кога сите заедно ќе можеме јасно да ја видиме заедничката цел и патот до целта, мислам дека и многу побрзо ќе стигнеме до неа.

Како меѓу дрвјата да ја видиме шумата? – иако оваа колумна ја започнав со СЕФФ, сепак ја посветувам на решенијата „како да се одржи растот во време на неизвесност и потоа“. СЕФФ е формата (иако Англичаните додуша имаат подобар збор – a vessel), која ги содржи можните одговори на ова прашање. Дискусијата на СЕФФ се одвиваше во четири столба, во кои беа сместени дискусиите за политиките за денес и утре, што во кризата и по неа. Првиот столб се однесуваше на „Макроекономските придизвици во турбулентни времиња“, вториот „Отпорност, конкурентност и регионална соработка“, третиот „Енергија, зелена транзиција и инфраструктура“ и четвртиот „По кризата: Двигатели за одржлив раст“.

 

Макроекономските предизвици во турбулентни времиња: Таргетирани мерки и одржување на стабилноста

Но, да почнеме од почеток. За овој дел повеќепати сум пишувал и зборувал, па ќе настојувам да го поминам во што е можно покуси црти, а сепак оние што првпат читаат/се информираат, да добијат целосна слика. Нашата економија долги години продуцира пониски стапки на економски раст, во просек околу 2-3%. Јасно е како бел ден дека е потребна силна реформска агенда за да се смени тоа и за да се забрза растот на стапки од 5% и повеќе и истите да бидат одржливи за да може да се постигне посакуваниот развој на економијата, а со тоа и подобрување на животот на сите граѓани во земјава.

Но, се случи пандемијата и најголемата светска економска криза, рецесија, од Втората светска војна наваму. Беше преземен силен фискален одговор од најголем број економии во светот, вклучително и од нашата, поддржан од прилагодливиот карактер на монетарната политика, кој обезбеди дополнителна ликвидност. Светската економија, навистина брзо, за една година закрепна, а дел од поголемите економии го достигнаа преткризното ниво, дел дури и го надминаа. И нашата економија закрепнуваше. Сепак, светот се соочи со нови предизвици. Вбризганата ликвидност од фискалните пакети на Владата, солидното закрепнување на побарувачка на недоволната понуда, придружени со преориентација на преференциите на потрошувачите од услуги кон стоки, нарушувањата на синџирите на добавување го направија своето во поглед на ценовните притисоци, кои започнаа со енергенсите и храната на светските берзи, а потоа се прелеаја во националните економии и на другите производи. Дополнителни притисоци направи војната во Украина, поради значењето на Русија и Украина во светската трговија, особено на некои примарни производи.

Како и другите влади во регионот и светот, уште од почетокот на пандемијата делувавме проактивно и носевме антикризни мерки. Шесте пакети антикризни мерки за време на пандемијата се проценети на околу 1,2 милијарди евра, додека за мерките од почетокот на енергетската и ценовната криза се издвоени дополнителни 615 милиони евра.

Исто така ќе посочам, дека кај најголем број од економиите во светот, како резултат на енергичниот фискален одговор дојде до проширување на јавниот долг. Кај земјите во регионот по пандемијата јавниот долг во просек порасна за околу 10 до 15 процентни поени. Истото се случи и кај нас, јавниот долг порасна за околу 11 процентни поени во пандемиската година, а сега е благо намален и е за 7 процентни поени повисок во однос на претпандемиското ниво.

Во овие услови се поставува прашањето – колку може и како треба да делува фискалната политика понатаму, за да ги заштити граѓаните и економијата, а притоа да не креира макроекономска нестабилност преку поттикнување на инфлаторната спирала и рапидно зголемување на долгот.

Одговорот е – да, треба да има мерки, какви – таргетирани, наменски, за најранливите категории за да можат да ја пребродат кризата и истите треба да бидат времени за да не се нарушат долгорочно пазарните принципи. Сè друго е долевање масло на огнот, бидејќи со вбризгување дополнителна ликвидност при недоволна понуда, која меѓу другото е условена од увозните инпути, само ќе направи дополнителни притисоци за раст на цените. И токму тоа е моделот што ќе го примениме понатаму, а истиот е пропорачан од Европската комисија и од меѓународните институции како што се Светска банка и ММФ.

Професорот Кругман многу убаво го образложи ова во своето излагање. Ситуацијата сега не е иста како во 1979 година (за информација, почетокот на 80-тите години очекувањата за висока инфлација беа многу подолгорочни, работниците како резултат на тоа бараа поголеми плати, додека работодавците поради очекуваната инфлација беа подготвени да им исплатат повисоки плати, што резултираше со инфлаторна спирала, којашто се смири после повеќе години со силната контракција на економијата). Сега инфлаторните очекувања се пократкорочни – веќе следната година се очекува стабилизација. Професорот Кругман дури посочи дека во 2024 година повторно ќе ја имаме 2019 година и дека тогаш дефлаторните тенденции повторно ќе станат актуелни. Прашањето е само како ќе стигнеме дотаму. Едната опција е благо забавување на економијата, другата е остар пад. И сето ова зависи од тоа како понатаму ќе се справуваме со инфлацијата. Дали ќе влеземе во инфлаторниот вртлог или интелигентно ќе го избегнеме. Наш предизвик во оваа време на неизвесност е да го одржуваме растот.

Во секој случај ни претстои еден значаен период, во кој креирањето на јавното мислење ќе биде еднакво важно, ако не и поважно од конкретните економски мерки што ќе ги преземеме. Ова така бидејќи инфлацијата зависи од три фактори – понуда, побарувачка и инфлаторни очекувања, со тоа што третиот елемент има силен импакт врз првите два.

Со оглед на тоа, првиот пакет-мерки беше насочен кон амортизирање на првите силни удари на кризата, како што се спречување на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените со што ги запревме инфлаторните притисоци за да спречиме повисоки стапки на инфлација. Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на цените и на маржите на производите. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра што претставува еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот. Во насока на едновремено насочување на мерките кон ранливите категории граѓани, но и постепена фискална консолидација, новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, а исто така ќе продолжи и определбата за водење прудентна фискална политика, којашто е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците – во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите и за зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход, како и покачување на платите во значителен дел од јавниот сектор, образование, здравство, судство, обвинителство, полиција и армија.

 

Отпорност, конкурентност и регионална соработка

Еден од факторите што ги спомена Кругман во контекст на тоа каде се движи светската економија е глобализацијата. Денешната економија ги откри сите „мани“ на глобализацијата, кои најубаво се видоа преку синџирите на добавување. Еден посилен потрес, како што беше пандемијата, целосно ги наруши глобалните синџири, па сегашните кризи во голема мера се должат токму на тоа.

Но, како што посочи и професорот, ова не значи дека транснационалните компании ќе се откажат од придобивките што ги нуди глобализацијата, како пониски трошоци за труд и суровини – односно инпути. Ова само значи дека сега во равенката ќе се внесат дополнителни променливи (тие всушност секогаш и биле во равенката, само сега повеќе добиваат на значење), како на пример оддалеченоста, повисоките трошоци за транспорт, стабилноста на регионот. Тоа е новата глобализација или поблиското поврзување на регионите (скратување на синџирите на понудата), па слободно можеме да ја наречеме „регионализација“. Подобрувањето на инфраструктурата е клучен фактор, покрај човечкиот капитал и трошоците на инпутите за производство, во однос на привлекување инвестиции и интегрирање во глобалната економија, а со тоа и обезбедување одржлив раст.

Тука ќе се осврнам на две работи – две можности што ни се отвораат нам. Прво, потенцијалните нови инвеститори. Второ, поблиското поврзување со земјите во регионот и настапување како еден пазар. Придобивките можат да бидат огромни за регионот. Како што кажа и претсeдателот на Американско-грчката комора – голема инвестиција во регионот е придобивка за целиот регион.

Оттаму, она што може и се прави, е поврзување – партнерства и физичко поврзување преку коридорите и изградбата на инфраструктурата. Преку политики за слободно движење на работниците, на капиталот, стоките и услугите, може да се постигнат бенефитите на единствениот пазар.

 

Енергија, зелена транзиција и инфраструктура

Како што се движам низ тематските столбови за дискусија на СЕФФ, одам од политики на кус кон политики на подолг рок, иако сите овие прашања треба да почнат да се адресираат уште сега, веднаш и итно. Имено енергетската криза јасно ни покажа и докажа дека колку повеќе зависиме самите од себе и ги диверзифицираме изворите на снабдување со енергија, толку поотпорна ќе биде нашата економија. Инвестирањето во обновливи извори на енергија и зелената транзиција се начинот на кој може да ја намалиме енергетската зависност.

Значителна поддршка за зелена транзиција, како што посочија и на СЕФФ, даваат и ЕБОР и ЕИБ. Станува збор за повеќе милијарди евра што би се вбризгале во регионот од страна на овие две меѓународни финансиски институции во насока на поддршка на енергетската одржливост.

Вториот аспект што треба да го имаме на ум е енергетската ефикасност. Кризата докажа дека треба мудро да располагаме со добрата, особено во време кога нивната цена расте, како што е сега состојбата со енергенсите. На пример, ако сите бидеме поштедливи, сите заедно ќе плаќаме помала цена на струјата. Оттаму и новиот моделот на тарифни потрошувачи – одржлив модел како одговор на криза.

 

По кризата: Двигатели за раст

Ноќта е најтемна пред зората. Така, и по надминувањето на оваа криза треба да излеземе со посилна и поотпорна економија, концепт кој авторот на „Црниот лебед“, Насим Талеб, го нарекува анти-фрагилност. За да се забрзаат стапките на раст потребни се структурни реформи, кои ќе го осигурат истиот. Зелената економија, инвестирањето во човечки капитал и дигитализација беа издвоени како она на што треба да се работи интензивно за да се постигне забрзувањето.

Кога зборуваме за човечкиот капитал, покрај социјалната сигурност и здравството, особено внимание треба да се насочи кон образованието. Тука се неопходни крупни реформи – од претшколска возраст до високо образование. Мораме да се осигуриме дека нашите деца во голема мера ќе го користат својот капацитет во иднина и нема да излегуваат од школските клупи со половично значење. Мора да постои систем на заслуги (мерит систем), систем на вреднување и успешност, со кој ќе се поттикнат образовните кадри кон иновативен процес на пренесување знаење и креирање нови можности за учениците.

И дигитализацијата може да ги забрза процесите, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Треба да трчаме кон технологијата, да ги следиме најновите трендови и иновации, а не да бегаме од неа. Искуството покажуваат дека земјите што имаат висок степен на дигитализација забележуваат и подобри економски резултати.

На крајот, иако не е структурна промена, ќе го спомнам лидерството. Ова беше нова тема на СЕФФ. Транспарентното, отчетно владеење, распределбата на моќ, партиципативноста и инклузивноста во носењето на одлуките, односно сите елементи на добро владеење се подеднакво важни за да се има доверба во оние што ја водат земјата и во одлуките што ги носат. Лидерство – не само како формално управување, туку како поширок поим, преку лични искуства и позитивни примери да се градат вредности на здраво општество и да се отворат нови перспективи за идните генерации.

 

Рефлексии од конференцијата и перспективи

Ми беше големо задоволство и чест што со поранешните министри за финансии можевме да дадеме осврт на целокупната дискусија на СЕФФ. Иако од различни политички опции, она за што сите се согласуваме од аспект на тоа каде треба да се насочи фискалната политика се фискална консолидација и структурни реформи. Бидејќи само стабилна економија може да продуцира одржлив раст и бидејќи структурни промени се неопходни за да се постигнат повисоки стапки на раст.

Платформата СЕФФ продолжува со додавање на нови содржини, дискусии и одговори на нови прашања. Фокусот многу повеќе ќе го насочуваме кон младите, младинските иницијативи, вмрежувањето, градењето партнерства, бидејќи во младите е иднината.

 

Фатмир Бесимиминистер за финансии

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *