Вести|

13 јуни 2022, Скопје – Постепена фискална консолидација, односно намалување на дефицитот во Буџетот е она за што ќе се залагаме и покрај предизвиците што ги носат новите светски економски кризи. Буџетскиот дефицит предвиден со ребалансот е понизок во однос претходните две години, додека со Фискалната стратегија се предвидува постепено намалување на дефицитот до 2,8% во 2027 година, односно под Мастришкиот критериум. Министерот за финансии Фатмир Бесими на комисиската собраниска расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година, посочи дека Владата останува посветена на среднорочната агенда за намалување на разликата помеѓу буџетските расходи и приходи, без притоа да се влијае негативно на растот.

„Со Фискалната стратегија 2023-2027 година, предвидена е етапна фискална консолидација, со намален буџетски дефицит како процентуално учество во БДП и тоа од: 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година. На среден рок, и покрај присутните ризици и неизвесноста, фискалната политика ќе продолжи кон натамошна консолидација и реструктурирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување на економската активност преку капитални расходи и инфраструктурни инвестиции, како и подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места“, посочи Бесими.

Инаку проектираниот дефицит за 2022 година и отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 6,23 милијарди денари, како и отплатата на домашен долг во износ од 5,54 милијарди денари ќе се финансираат на меѓународниот и домашниот пазар, додека со оглед на актуелните економски и надворешнополитички состојби, оваа година поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари. Ваквата определба ќе овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во македонската економија, а дополнително, преку надворешните извори за финансирање, ќе се зголемат девизните резерви на државата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *