17 јуни 2022, Скопје – Заедничка цел на сите земји од Западен Балкан е да бидеме дел од ЕУ и од единствениот европски пазар. Само ЕУ интеграцијата, регионалните интеграции и единствениот пазар можат да придонесат за економски развој, како на национално така и на регионално ниво. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во обраќањето на Преспа форумот за дијалог, говорејќи на панел-дискусијата на тема „65 години по Договорот од Рим: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана?“.
„По 65 години од Договорот во Рим, европскиот единствен пазар е најголемата економска област во светот и едно од најголемите достигнувања на Европската Унија, со околу 500 милиони потрошувачи, 24 милиони компании и околу 17 милиони граѓани кои работат или живеат во различна земја од онаа од која потекнуваат. Сето ова придонесува за подобри услови за живот за граѓаните, а воедно и за подобар економски резултат“, рече министерот Бесими потенцирајќи ја важноста на поврзаност.
Тој порача дека имајќи ја предвид актуелната состојба во која живееме, војната на европско тло и предизвиците што произлегуваат од сето тоа, регионот треба да биде дел од ЕУ и со цел ЕУ да биде целосна таа веднаш треба да го интегрира Западниот Балкан.
„Европа покажува дека сè подобро се справува со предизвиците. Тоа го покажа со справувањето со ковид-кризата, сега со предизвиците што произлегуваат од воведените санкции на Русија, но во сета таа криза го покажува и одговорниот однос кон земјите од Западен Балкан“, истакна министерот и додаде дека иднината и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан по оваа криза е да се даде предност на процесите на дигитализација, на зелената транзиција, инфраструктурната поврзаност на регионот, човечкиот капитал, како и доброто владеење и борбата со корупцијата. Тоа се петте цели кон кои заедно треба да бидеме насочени во иднина, со цел развој и постигнување подобри услови за живот за граѓаните.
Сесијата посветена на „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана“ ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, а меѓу учесниците беа и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, потоа експертот за економија од Меѓународниот институт во Рим, Матео Бономи, како и министерот за економски развој и туризам на Црна Гора, Горан Ѓуровиќ и министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли.
Преспа форумот за дијалог (ПФД) е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата. Годинашното второ издание се одржува во Охрид и е посветено на актуелните безбедносни, политички и економски прашања со кои се соочуваат Европа и Западен Балкан.