Вести|

24 јуни 2022, Скопје – Со ребалансот на Буџетот за 2022 година се обезбедуваат средства за подобрување на стандардот и условите за живот на граѓаните во услови на најголема глобална економска криза. За нови таргетирани мерки наменети за финансиска помош на оние на кои им е најпотребна, се обезбедуваат средства во износ од 4,7 милијарди денари. Средствата за активни мерки за нови вработувања се зголемени за три и пол пати споредено со 2016 година, односно од 521 милион денари на 1,9 милијарди денари, истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски образложувајќи го ребалансот на Буџетот за 2022 година.

Истовремено, во време на глобална економска криза, нагласи заменик-министерот, потребно е рационално користење на средствата од Буџетот и штедење онаму каде што има можност. Со ребалансот на Буџетот, средствата за материјали и ситен инвентар се намалени за 171 милион денари, додека средствата за купување нови возила се скратени за 107 милиони денари.

Говорејќи за стандардот на граѓаните, Николоски рече дека за тоа најдобро говорат податоците за континуираното зголемување на нето-платата, како и податоците за зголемување на средствата за пензии.

„Само во првите четири месеци од годинава, просечната нето-плата се зголеми за 10 проценти, што целосно го покрива порастот на инфлацијата во овој период од годината. Согласно последниот објавен податок од Државниот завод за статистика, во април просечната нето-плата изнесува 31.525 денари“, потенцира тој и притоа додава дека можеби и тоа не е доволно, но важно е што има континуиран раст.
Просечната нето-плата бележи раст од 41 процент во споредба со 2016 година кога истата изнесувала 22.342 денари.

Заменик-министерот Николоски нагласи дека здравствените работници, просветните работници, односно вкупно над 90 илјади вработени во јавниот сектор, добија или ќе добијат повисоки плати и тоа во година на најголема светска економска криза.

Воедно, како што рече, продолжува грижата и за пензионерите и подобрување на нивниот стандард, при што средствата за пензии во Буџетот се зголемени за 33% во однос на 2017 година и истите со ребалансот изнесуваат 68 милијарди денари.

Со ребалансот на Буџетот се зголемуваат и средствата за трансфери кон општините, сè со цел подобрување на условите за живот во сите општини. Така, во 2017 година трансферите кон единиците на локалната самоуправа изнесувале 17 милијарди денари, а со ребалансот истите изнесуваат 23 милијарди денари односно се зголемени за 6 милијарди денари. Само со ребалансот за 2022 година, нагласи Николоски, се обезбедуваат дополнителни над 800 милиони денари кон општините.

Притоа, како што рече, за движењето на економијата јасно говорат и податоците за Бруто домашниот производ во апсолутен износ. Така, ако БДП во 2016 година изнесувал 9,6 милијарди евра, во 2022 година истиот е проектиран на 13,1 милијарда евра, што е раст за 36,5 проценти односно за цели 3,5 милијарди евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *