5 јули 2022, Скопје – Дваесет и пет милиони денари дополнителни средства во здравството, животната средина, инфраструктурата се обезбедуваат со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2022 година, што го усвои Владата на денешната седница, а треба да се достави во Собранието на усвојување. Средствата се обезбедени преку прифаќање на амандманите во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет по предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година. Со нив, меѓу другото, трајно се решава проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и Неготино, прочистување на коритата на реките Вардар и Треска, реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за Домот на културата во Чегране и друго.
Ребалансот на Буџетот за 2022 година е одговор на кризата, односно се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите до крајот на годината, во услови на продолжена енергетска и ценовна криза.
Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2022 година вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или за 2,9%. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или за 5,9% повисоки, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.
Со ребалансот се обезбедуваат 19 милијарди денари повеќе во ставки кои се однесуваат на имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата. Меѓу нив се дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди денари за поддршка на земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди денари за гарантиран минимален приход, повеќе средства за предвидениот раст на пензиите, за платите во образованието и детската заштита, како и за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарда денари, при што се планирани инвестиции во реконструкции и модернизации со опрема во јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој, односно хидро системи, водоснабдувачки и канализациски системи и друга водостопанска инфраструктура.
Економскиот раст во 2022 година е проектиран на 3,2%, придвижен од домашната потрошувачка, којашто се очекува да забележи раст од 3,3%. Бруто-инвестициите се претпоставува да имаат раст од 5%, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.