Вести|

20 јули 2022, Скопје – Планот за забрзан раст со чија реализација е предвидено удвојување на стапките на раст, транзицијата кон зелена економија, енергетската криза, но и преземените мерки со кои се забави инфлацијата, како и оние што ќе се преземат во наредниот период беа дел од суштинските теми на кои министерот за финансии, Фатмир Бесими дискутираше со директорот на Канцеларијата на Светска банка во РС Македонија, Масимилијано Паолучи и со менаџерот на Одделот за макроекономија, трговија и инвестиции за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка, Јасмин Чакери.

„Првиот пакет-мерки беше насочен кон забавување на инфлаторната спирала, а следните мерки ќе бидат насочени претежно кон одредени целни групи кои се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Впрочем, ова е и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската Унија – да се делува со мерките кон целни категории“, истакна министерот за финансии, Бесими.

Воедно, во делот на политиките за справување со енергетската криза, министерот посочи дека од Буџетот на РСМ за 2022 година се исплатени 5,3 милијарди денари како финансиска поддршка за АД ЕСМ Скопје со цел справување со енергетската криза. На ваков начин, преку навремена поддршка во енергетскиот сектор, беше надминат проблемот со снабдувањето со електрична енергија, се заштитија граѓаните од ценовни шокови, а за компаниите се обезбеди најповолната цена на електрична енергија.

Тој истакна дека продолжува посветеноста кон реализација на Планот за забрзан раст чија цел е да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се намали фискалниот дефицит и да се задржи долгот на стабилно ниво.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *