21 јули 2022, Скопје – Изградбата на автопатот Скопје – Блаце, како и реализацијата на проектите за енергетско поврзување ќе придонесат за развојот на двете држави и за зголемување на меѓусебната економска соработка. Ова е заклучокот од средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорот на Р. Косово, Флоријан Ќехаја.
„Станува збор за стратешки инфраструктурни проекти што се од голема важност за развојот на нашите држави. Автопатот Скопје – Блаце е делумно финансиран со грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (инструментот ВБИФ). Тоа ќе биде случај и во иднина, како земја членка на ЕУ. РС Македонија ги започна пристапните преговори за членство во Унијата, а нашите искуства ќе бидат вредни за патот што треба да го изоди Косово“, истакна министерот Бесими.
Месецов со ЕБОР се потпиша договор со кој се обезбедуваат 167,6 милиони евра од ЕБОР за изградба на втората подделница од автопатот Скопје – Блаце, чија вкупна вредност е 194 милиони евра. Покрај средствата обезбедени од ЕБОР, за проектот е обезбеден и инвестициски грант од ВБИФ во износ од 20,82 милиона евра, потоа 5,68 милиони евра грант за техничка помош, исто така од ВБИФ, и 0,35 милиони евра грант што ЕБОР дополнително ги доделува за изработка на национална стратегија за е-мобилност и акциски план за патна инфраструктура.
До септември се очекува да биде завршена првата делница од автопатот, од границата со Косово до с. Блаце, а изградбата и финансирањето се на ЈП за државни патишта со сопствени средства.