27 јули 2022, Скопје – Стартува реформата за унапредување на фискалната децентрализација. Законските измени и дополнувања, на кои работеше Министерството за финансии, денеска добија зелено светло од Собранието, а тие значат повисок квалитет на јавните услуги во општините, повисок степен на економски развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Реформата се состои од три столба: подобрување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на нивните приходи; зголемување на фискалната дисциплина на општините и зголемување на нивната транспарентност и отчетност.
„Владата на РС Македонија продолжува со процесот на децентрализација, во насока на поголема демократизација, подобри јавни услуги и засилен локален развој во интерес на граѓаните. Општините се надлежни за многу важни области директно поврзани со животот на граѓаните, како што се образованието, социјалната заштита, животната средина, комуналните услуги и затоа е клучно да имаат стабилни финансии. Оттаму, со оваа реформа значително се засилува нивниот фискален капацитет, но истовремено и се задолжуваат на поголема фискална дисциплина, отчетно и транспарентно работење. Односно, како и секаде, со поголема моќ доаѓа и поголема одговорност“, посочува министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Општините, со донесените измени и дополнувања, ќе добијат поголем удел од приходите собрани преку данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Имено, приходите на општините од данокот на личен доход коишто досега изнесуваа 3%, до крајот на 2022 година ќе се зголемат на 4%, во 2023 на 5% и во 2024 година на 6%. Приходите од данокот на додадена вредност се зголемуваат од досегашните 4,5%, на 5% годинава, потоа на 5,5% во 2023 година и ќе достигнат 6% во 2024 година. Планирано е формирање два фонда – Фонд за перформанси и Фонд за изедначување. Општините што покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за изедначување ќе се обезбедат средства за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажуваат фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.
Се проценува дека двојно ќе се зголемат средствата за општините што ги добиваат по овие два основа, односно од сегашните 2,8 милијарди денари ќе се зголемат на над 5 милијарди денари до 2024 година. Она што е исклучително значајно да се спомне е дека реформата почнува веднаш, односно растот на зафаќањето од наплатените даноци ќе започне од годинава, со што општините ќе добијат повеќе средства во време кога се соочуваме со предизвиците од енергетската и ценовната криза.
Вториот столб од реформата е насочен кон зголемување на финансиската дисциплина на општините. За тоа се предвидени активности коишто ќе водат кон реално планирање на приходите и расходите на општините, редовно сервисирање на долговите и поголема финансиска дисциплина, како и прогласување финансиска нестабилност на општините по сила на закон. Преку 10-годишна структурна обврзница, општините ќе можат да направат репрограм за надминување на проблемите со доспеаните, а неплатени обврски. Општините што ќе прогласат финансиска нестабилност ќе може да користат и условен кредит од Министерството за финансии и да издадат општинска обврзница за познат купувач, односно Министерството за финансии.
Реформата ќе придонесе и за зајакнување на фискалната одговорност на општините со што ќе се зголеми и транспарентноста во нивното работење, преку повеќе предвидени механизми со Законот.