Вести|

29 јули 2022, Скопје – Потпишан е договор помеѓу Министерството за финансии и Светска банка со кој се обезбедуваат 37 милиони евра за Проектот за поврзување локални патишта со кој ќе се реконструираат, надградат и рехабилитираат вкупно 450 километри локални патишта, во сите општини во државава. Проектот денеска го потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светска банка за Република Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Вкупната вредност на Проектот изнесува 70 милиони евра.

„Единиците на локалната самоуправа се властите кои се најблиску до граѓаните, кои играат значајна улога во уредувањето на секојдневното живеење преку јавните услуги што ги обезбедуваат. Оттаму, инвестирањето во општинската инфраструктура значи инвестиција во подобрувањето на животот на граѓаните, но и во поттикнувањето на економскиот развој преку развојот на нивните микроекономии. Понатаму, во време кога светската економија се соочува со крупни предизвици и кога во сите економии економскиот раст забавува, од исклучително значење е спроведувањето на инвестициската агенда за поттикнување на економската активност во овие исклучително сложени услови. Инвестицијата во патишта е секогаш квалитетна инвестиција“, потенцира министерот Бесими и додаде дека неделава е усвоен и Законот за финансирање на ЕЛС, во кој се поставени реформите за унапредување на фискалната децентрализација.

Проектот, како што информира министерот за транспорт Бочварски, се реализира согласно предвидената динамика. Досега се склучени договори за градежни работи на локални патишта во 46 општини.

„Влезени сме во една поодмината фаза на реализација на овој проект и слободно можам да кажам дека бележиме добри резултати. Успеавме да ја подигнеме мобилноста и квалитетот на живеење на локално ниво во оние општини каде што веќе се реализира овој проект. Би сакал да потенцирам дека досега Министерството за транспорт и врски преку Единицата за имплементација на проекти распиша 4 јавни повици во кои се опфатени 46 општини со 94 улици и со вкупна инвестиција од над 17 милион евра“, истакна Бочварски.

Директорот на Канцеларијата на СБ, Паолучи, вели дека нашата држава значително напредува во подобрувањето на националната патна инфраструктура и поврзаност, иако сè уште постојат предизвиците што произлегуваат од реформите за управување и надградба на локалната патна мрежа, со цел развивање постабилен транспортен сектор во земјата.

„Преку Проектот за поврзување на локалните патишта, Светска банка дава поддршка за зајакнување на капацитетите на државата во управувањето со локалните патишта и подобрување на пристапот до работни места, услуги и пазари. Целта на Проектот е рехабилитација и надградба на локални патишта во должина од околу 450 километри – создавање подобри и побезбедни транспортни услови во 80 општини коишто се вклучени во Проектот. Меѓу корисниците на овој проект се и рурални општини со високо ниво на сиромаштија и оние што се бават со земјоделие, како и урбани општини и области со население со различна социо-економска позадина. Ова дополнително финансирање ќе ги надополни средствата од првичниот заем за Проектот за поврзување на локалните патишта – одобрен од Светска банка на 19 декември 2019 година – алоцирани како одговор на пандемијата на КОВИД -19“, посочи Паолучи.

Во моментов, со средства од Светска банка, во земјава се реализираат проекти во вредност од над половина милијарда евра и тоа во областа на инфраструктурата, образованието и земјоделството.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *