Вести|

15 август 2022, Скопје – Борбата против сивата економија е дел од реформата на јавните финансии. Со системските измени ќе се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор, пишува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими. Акцискиот план за сузбивање на сивата економија ги опфаќа двете страни на неформалниот сектор – понудата и побарувачката. Стимулации, превентивни мерки за премин кон формални производи и услуги, унапредување на ефикасноста на инспекциите и надзорот се механизмите за борба со неформалната економија.

„Кога велам зголемување на даночната основа, тоа подразбира во неа да се воведат и субјекти од неформалниот дел. Активностите предвидени со Акцискиот план на Министерството за финансии се базираат на поддршка и стимулација на формализацијата на неформалните активности преку зголемување на погодностите од влегување во формалната економија. Особен акцент е ставен и на унапредување на ефикасноста на инспекциите и надзорот за да се обезбеди поголема рамноправност на сите учесници на пазарот. Мерките се однесуваат и на модернизација на процесите, како што е на пример е-трговијата, којашто зема сè поголем замав и креира нелојална конкуренција меѓу малите и средни претпријатија, како главен двигател на економскиот развој. Приоритети се: унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, зајакнување на инспекциските служби, унапредување на законската регулатива и спроведување мерки во делот на Царинската управа каде што ќе бидат опфатени и производите од е-трговијата“, посочува министерот.

Бесими, исто така, пишува дека иницијативи што се очекува да имаат значаен придонес во сузбивањето на сивата економија се намалување на готовинското плаќање преку новите реформи во платниот систем и платежните услуги со либерализација на платниот промет и воведување финтек решенија, покрај банкарскиот сектор, од почетокот на 2023 година. Тука спаѓа воведувањето на системот на е-фактури и е-фискализација од страна на УЈП, како и системот на обележување и следење „track and trace“ за акцизните добра (особено тутунот и алкохолните пијалаци) од страна на Царинската управа, како и други процеси на дигитализација во овие две институции.

„Доколку сакаме да имаме држава со подобра инфраструктура, квалитетно образование, подобра здравствена и социјална заштита, сите заедно мора да се потрудиме и да дадеме свој придонес. Преминот од неформален во формален сектор ќе придонесе за воспоставување предвидливо и стабилно деловно окружување, рамноправни услови за работа и здрава конкуренција. Исто така, ќе овозможи создавање услови за рамноправен натпревар меѓу бизнисите, зајакнување на даночниот морал, како и зголемување на бруто-домашниот производ“, истакнува Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *