22 август 2022, Скопје – Експертската јавност денеска беше дел од серијата состаноци што Министерството за финансии ги организира во рамки на јавната дебата за даночната реформа. Концептот на даночна реформа, којшто е работен во изминатиот период и треба етапно да се имплементира во периодот од 2023 до 2025 година, беше претставен пред експерти, декани, ректори и професори од универзитетите во земјава од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој порача дека транспарентноста и инклузивноста се клучни во овој процес, којшто треба да креира праведен, правичен, ефикасен и современ даночен систем, а тоа да овозможи економски развој.
„Во овој процес на дебата, концептот на даночната реформа досега го претставивме пред бизнис-заедницата, невладиниот сектор, деловни асоцијации, консалтинг компании и други, кои дадоа конструктивни предлози и позитивен придонес. Тоа го продолжуваме денеска со вас, експертската јавност, чија вклученост е многу значајна, имајќи ги предвид вашите познавања и искуство. Сите аргументи се добредојдени, а крајната цел е да ги дефинираме решенијата заедно, затоа што тие се однесуваат на сите во општеството“, рече министерот на состанокот.
Тој истакна дека ова е процес којшто е дел од концептот СМАРТ финансии, со кој претходно се утврдија правилата на расходната страна. Со Законот за буџети се дефинираат правила и се воспоставува механизам за контрола на трошењата на парите што ќе се слеат во Буџетот. „Тоа е поврзан систем, се подобрува ефикасноста и на двете страни, и на приходната и на расходната, затоа што граѓаните бараат одговорност во трошењето на парите што се собираат во Буџетот преку утврдената даночна политика“, рече министерот.
Паралелно со овие процеси, се преземаат активности и за зголемување на капацитетите на институциите за поефикасно прибирање на приходите и намалување на сивата економија. На овој начин ќе се обезбеди зајакнување на праведноста и правичноста на даночниот систем, затоа што на овие аспекти не треба да се гледа само од премисата дека оној што има повеќе треба и да плати повеќе, туку праведноста се гледа и во тоа оние што досега не беа дел од системот, да станат дел од истиот и со тоа да го понесат својот правичен дел од даночниот товар. Важна улога во ова ќе одигра и понатамошната дигитализација на процесите во даночната и царинската администрација, за што веќе е утврдена динамика на реализација за да може да се одвива паралелно со даночната реформа. Во таа насока, во Управата за јавни приходи се подготвува теренот за воспоставување е-фискализација и е-фактура, а се преземаат активности и во Царинската управа.
На состанокот, како и на претходно одржаните, беа изнесени повеќе размислувања во однос на концептот на даночната реформа, кои ќе бидат земени предвид при креирање на конечните решенија. Дополнително во овој процес, заинтересираните страни може да достават свои мислења и сугестии и електронски преку веб-страницата на Министерството за финансии и на е-маил адресата danocnareforma@finance.gov.mk. Јавната дебата продолжува и во наредниот период со состаноци со другите чинители во општеството.