Вести|

13 септември 2022 – Еднаков и праведен третман на сите граѓани и фирми и ефикасен даночен систем кој ќе биде поддршка на зелената одржлива економија, се целите што сакаме да ги постигнеме со даночната реформа. Инклузивноста е од особено значење за целиот процес, од формирање нацрт-концепт до дефинирање на реформите, па оттаму изминатите две години МФ имаше широки консултации за даночната реформа. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на вчерашната дебата во емисијата „24 Анализа“.

„Поквалитетно здравство, образование и инфраструктура е крајната цел што треба да се постигне со реформата на даночниот систем. Предлогот во однос на праведното оданочување е некој што не плаќал или плаќал помалку данок по повластена стапка или бил ослободен, да се израмни со другите, бидејќи концептот на праведност е сите во системот да бидат еднакви“, рече Бесими.

Министерот посочи дека целиот процес е воден преку максимална транспарентност, како и дека и од самите дебати произлегоа соодветни идеи и решенија.

„Отворивме дебата за да ги слушнеме сите страни. Станува збор за системски реформи со долгорочно влијание врз нашиот развој и економијата. Крајната цел е да се подобрат јавните услуги, бидејќи сите сакаме поквалитетно образование, поквалитетно здравство, поквалитетна инфраструктура. Околу 160 милиони евра плаќаме за камати од претходните задолжувања, и тоа со децении. Како економија создаваме помалку отколку што трошиме. Мора да имаме даночен систем кој ќе биде праведен и транспарентен. Праведноста опфаќа и намалување на сивата економија“, дискутираше министерот Бесими.

Од аспект на сивата економија, тој нагласи дека дел од мерките се обезбедувањето е-фактури, е-фискализација, „trace and track“ за акцизните добра во царината, како и други мерки што се однесуваат на намалување на сивата економија, а се во согласност со Акцискиот план за намалување на сивата економија 2021-2025 година.

Дискутирајќи за соодветните решенија, министерот се осврна на Законот за добивка, за кој посочи дека целите на реформата се да се насочат средства кон зелена транзиција, дигитализација, истражување и развој, односно структурни реформи што ќе придонесат нашата економија да биде поразвиена и поодржлива . Тој потсети на енергетската криза со која се соочува светот и домашната економија и дека мора да се започне со преземање системски мерки уште отсега за да се заштити економијата на долг рок.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *