18 октомври 2022, Скопје – Македонската економија во 2023 година не се очекува да влезе во рецесија, иако проекциите за растот кај нас, како и во земјите во Европа, се ревидираат надолу. Ефектите од кризата сè уште ќе бидат присутни, а клучното за излез од оваа криза, не само кај нас туку и на глобално ниво, е да се штеди и тоа секој и на сите нивоа. Ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24, во кое потенцира дека со донесениот План за фискална одржливост и економски раст ќе се штеди на расходите, но дека нема да има намалување на платите на вработените.
„Влијанието од енергетската и ценовната криза ќе продолжи и во наредната година. Треба да бидеме реални во однос на состојбата и да не создаваме нереални очекувања дека тоа брзо ќе помине. Ефектите ќе се чувствуваат, но и покрај тоа и наредната година планираме раст од 2,9%. Сепак, особено е важно да се подготвиме за период во кој дефинитивно покрај потребите што ќе се појават за да се справиме со кризата, ќе треба и да заштедиме“, истакна министерот Бесими.
Тој додаде дека штедењето може значајно да ја промени ситуацијата и дека првата реакција со која треба да се настапи е фискална консолидација или намалување на трошоците во јавниот сектор, со што ќе се намали притисокот врз каматите што дополнително влијае и врз економскиот раст.
„Веќе се донесени мерки за заштеда. Владата го усвои Планот за фискална одржливост кој содржи мерки и препораки за консолидација на расходите, но веќе не се само препораки, туку и конкретно има заштеди. Сите се свесни за состојбата. Во Владата се разговара и најголем дел од министрите доаѓаат и со нивни предлози и процени. Веќе беше објавено дека има заштеди на електрична енергија од 20%, а на пример ние во Министерството за финансии сме направиле заштеда од околу 30%“, рече Бесими.
Во однос на препораките и мерките за заштеда на расходите за плати од Планот, министерот појасни дека нема да има намалување на платите.
„Институциите, согласно мерките и препораките, сами ќе направат процена како ќе ги применат и ќе подготват предлог. Ниту јас ниту некој кажал дека ќе се намалат платите на вработените во јавниот сектор. Напротив, ние работиме на решение со кое ќе растат платите во јавниот сектор. и се очекува методологијата да биде завршена до крајот на годината“, рече Бесими и додаде дека треба да се разгледаат оние плати во системот што прават дисторзии.
Исто така, потенцира дека треба да се даде јасен сигнал за намалување на трошоците и од аспект на тоа да не се разгори инфлаторната спирала. „Со право реагираат работниците дека ако растат цените треба да се зголемат и платите. Меѓутоа, ако се зголемат платите тоа ќе доведе до зголемување на трошоците на фирмите, а со тоа и зголемување на цените и таа спирала може да доведе само до хиперинфлација, што не смее да се дозволи“, рече министерот.
Во интервјуто се осврна и на финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава. Клучно, како што рече, и во услови на криза финансирањето е направено и тоа со заштеда од 40 милиони евра, па во оваа насока е и претстојната посета на Абу Даби со цел обезбедување финансирање на Буџетот, како и на низа инфраструктурни и други развојни проекти.