Вести|

25 октомври 2022, Скопје – Менаџирањето со јавните пари во криза е тешко, но важно е истото да се прави одговорно, односно да се најде начин да се финансира дефицитот и тој да се чува на одржливо ниво, а со тоа да се внимава и на висината на јавниот долг. Во таа насока е и одлуката да не се издаде еврообврзница оваа година, туку да се задолжиме кај меѓународните финансиски институции со двојно пониски каматни стапки и да се направат сериозни заштеди по основ на камати за следните години.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, кој денеска се обрати на панел-дискусијата на тема „Инвестиции во Западен Балкан и одржлив модел на раст“ на Годишниот самит на „Економист“ што се одржа во Приштина, Република Косово.

Тој посочи дека секогаш е важно како се трошат парите од новите задолжувања и кон кого се насочени истите. „Донесовме два пакета антикризни мерки со вкупен износ од над 750 милиони евра коишто ги насочивме кон поддршка на населението, особено ранливите категории и бизнис-секторот“, рече Николоски.

Тој додаде дека РС Македонија паралелно работи и на преземање мерки за справување со кризата и поддршка на економијата, но и за фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

„За фискална консолидација и за ефикасно и одржливо намалување на фискалниот дефицит потребна е комбинација од мерки и на приходната и на расходната страна на Буџетот. Донесен е План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст којшто се заснова на фискална консолидација преку мерки за рационализација на одредени расходи и мерки за поефикасна наплата на приходите, конзистентност на политиките во процесот на буџетското планирање, преку поврзаност на буџетското планирање со програмата на Владата и економските реформи, како и мерење на успешноста во реализацијата на политиките во Буџетот“, рече заменик-министерот.

Тој потенцира дека економските политики и мерки преточени во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, заедно со мерките и политиките во Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст се основа за зголемување на потенцијалот за раст и остварување повисоки стапки на раст на среден рок, односно двојно зголемување на економскиот раст во однос на оној што беше остварен изминатата деценија.

Значајно во остварувањето на тие политики и мерки е поддршката од меѓународните финансиски институции. Со Планот за забрзан раст се планирани инвестиции од над 4 милијарди евра во следните пет години, и тоа во инфраструктурни проекти, обновливи извори на енергија, надополнети со инвестиции од приватниот сектор што ќе придонесе за поттикнување на растот на економијата на ниво од 5 %.

Николоски на панел-дискусијата истакна и дека зацртаните приоритети пред Владата се поистоветуваат и со ЕУ агендата и со реформите што ги презема земјата на патот до целосна евроинтеграција. Тој процес, како што рече, добива забрзана динамика со отворање на преговорите за членство во ЕУ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *