Вести|

2 декември 2022, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Министерството за финансии се сретна со новата амбасадорка на САД во земјава Анџела Прајс Агелер. На средбата министерот Бесими ѝ посака добредојде и успешен мандат на амбасадорката со уверување за натамошно зајакнување на соработката и поддршката на САД во спроведување на реформите.

„Владата на САД дава значајна поддршка на РС Македонија во напорите насочени кон економски раст и стабилност, како и кон зајакнување на демократските практики на институциите“, рече министерот Бесими.

Притоа тој посочи дека и покрај сите предизвици, РС Македонија одлучно чекори на патот кон Европската Унија. Во следните фази од пристапниот процес Министерството за финансии е водечка институција за 8 поглавја и е вклучена во 4 од вкупно 6 кластери. Истовремено Владата е фокусирана на обезбедување поддршка за компаниите и најранливите категории граѓани за справување со последиците од ценовната и енергетската криза.

САД даваат силна поддршка за евроинтеграциите на РС Македонија.  Дополнително, како членка на НАТО нашата држава станува попривлечна земја за инвестиции, што создава перспективи за побрз економски раст. Во таа насока  владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат клучни фактори во подобрувањето на деловната клима и во остварувањето на стратешките цели за побрз, одржлив и инклузивен раст.

Министерот на средбата ја презентираше Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии во чии рамки е и новиот Закон за буџети, како и воспоставувањето на Интегрираниот информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) за чие имплементирање поддршката од Канцеларијата за техничка помош на Трезорот на САД (ОТА) би била од клучно значење.

Соединетите Американски Државни се еден од најзначајните стратешки партнери на РС Македонија. Одличните политички релации меѓу двете земји, во блиска иднина треба да поттикнат и попродлабочена економска соработка.

Преку Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), САД досега имаат инвестирано над 800 милиони долари во нашата држава, пред сѐ во политики коишто се насочени кон економски раст и зајакнување на демократските практики и  институции.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *