7 декември 2022, Скопје – Владата останува на определбата да воспостави праведен и правичен даночен систем. Тоа, меѓу другото ќе се постигне преку нов модел на прогресија на кој ќе се работи во наредниот период.
Ова го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски во интервју за БлумбергАдриа во кое говореше за даночната реформа и новиот Концепт што беше тема на дебата со засегнатите страни во изминатите месеци и кој етапно треба да се воведе од 2023 година.
„Новиот Концепт на даночна реформа треба да доведе до праведност, ефикасност, ефективност и транспареност. Во таа насока, а тоа произлезе и од дебата, е и укинувањето на постојниот модел на прогресивно оданочување, за кој и анализите покажаа дека не дава вистински резултати и не е правичен модел. Го укинуваме, но не се откажуваме од прогресијата. Работиме на нов модел кој ќе биде во насока да се опфатат сите приходи во едно домаќиснтво“, рече заменик-министерот за финансии и појасни дека со постојниот модел доколку во едно четиричлено семејство има само еден вработен со приход од 100 илјади денари тој ќе биде оданочен со втората стапка, а додека во друго четиричлено семејство каде сите имаат приходи поединечно по 80 илјади денари, нема да платат дополнителен данок.
Во однос на иницијативата за воведување данок на екстра профит, рече дека воведување ваков данок во време на криза не е новина и дека таков данок веќе имаат воведено и други земји.
„Во време на криза одредени компании од различни индустрии како резултат на инфлацијата, растот на цената остварија екстра профит и се размислува да се воведе данок на екстра профит со времен карактер. Тоа не е новина, ваков данок имаат воведено Хрватска и некои други земји“, посочи заменик-министерот за финансии Филип Николоски во интервјуто.