Вести|

19 декември 2022, Скопје – Заштита на стандардот на граѓаните, обезбедување поквалитетен живот и услови за економско заздравување, со истовремена фискална консолидација и подобра контрола на трошењата се целите на политиките и мерките што се дел од дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, којшто од денеска е на дневен ред во Собранието на РС Македонија.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, којшто го образложи дополнетиот Предлог-буџет пред пратениците, оцени дека истиот е реален, ги лоцира приоритетите и соодветно ги алоцира средствата на граѓаните и фирмите.

„Предлог-буџетот за 2023 година има четири цели, а тоа е да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, да ги исполни  НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување и да обезбеди забрзување на економскиот раст. Овој Предлог-буџет е дизајниран за да ја исполни определбата за фискална консолидација и да обезбеди фискална одржливост, а притоа да не  влијае негативно врз економската активност“, истакна Бесими.

Тој наведе дека управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување во Европа и потсети на антикризните мерки што ги донесе Владата со кои се ублажи високиот пораст на цените на храната и на  горивата, се обезбеди поддршка за ранливите категории граѓани и за фирмите, а воедно се спроведуваа активности за поттикнување на енергетската ефикасност. Во услови на енергетска криза на глобално ниво, како и  рапиден пораст на цените на енергенсите, министерот потенцира дека даночната политика во 2023 година ќе продолжи со функцијата на стабилизација на нивните цени на пазарот во земјата. А за натамошна заштита на граѓаните и стопанството, за 2023 година се предвидени близу 14 милијарди денари.

Она што го карактеризира овој Предлог-буџет е подобреното управување со јавните финансии, коешто ќе се остварува преку редизајнирање на нивната структура, зголемено учество на капиталните расходи, на инвестициите за зголемување на конкурентноста, потоа преку дигитализација, поддршка на приватниот сектор и унапредување на инвестициската клима, а притоа ќе се кратат неприоритетните и несуштинските трошоци.

„Предложениот Буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии: капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата на Буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари (value for money), при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот“, рече министерот.

Капиталните инвестиции во 2023 година се планирани  на ниво од околу 48,8 милијарди денари или за околу 51,8% повеќе во однос на планот за 2022 година, а истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Во 2023 година со предложениот Буџет се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор. За ова во дополнетиот Предлог-буџет се планирани 276,1 милијарда денари. Средствата за стоки и услуги се на исто ниво како во 2022 година, поточно во износ од 23,6 милијарди денари, а со нив се обезбедува финансирање на зголемените трошоци за енергија и транспорт и непречено функционирање на институциите. 144,9 милијарди денари се за социјални трансфери, односно за исплата на пензии 75 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита 12,7 милијарди денари, за здравствена заштита 42,1 милијарда денари и 26,7 милијарди денари се трансфери до единиците на локалната самоуправа, коишто се зголемени за 1,2 милијарди денари. Триста и седумдесет милиони денари во дополнетиот Предлог-буџет се обезбедени и за  субвенциониран студентски оброк за академската 2022-2023 година.

Буџетот за 2023 година според дополнетиот предлог изнесува 324,8 милијарди денари, приходите се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари, што е за 14,8% повисоко од 2022 година, притоа дефицитот е на ниво од 4,6% од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари и истиот ќе се финансира од домашни и надворешни извори. Проекцијата за економскиот раст за 2023 година е 2,9%, а инфлацијата 7,1%.

Согласно Деловникот на Собранието на РС Македонија, расправата по дополнетиот Предлог-буџет на пленарна седница трае најмногу пет дена.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *