Вести|

19 декември 2022, Скопје – Преку осум столба се спроведуваат реформите во јавните финансии, која ќе обезбеди поефикасен систем и забрзан економски раст на среден рок. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во својата најнова колумна посочува дека во 2022 година, и покрај справувањето со глобалната ценовна и енергетска криза, Владата спроведе значајни реформи во јавните финансии. Тој наведува дека кризните епизоди најдобро покажуваат каде во системот има потреба од промена. Меѓу спроведените крупни реформи е новиот Закон за буџети, со кој се воведува среднорочното буџетирање, реформата за зајакнување на фискалната децентрализација од аспект на финансирањето и отчетноста, како и реформата за проширување на даночната основа.

„Реформите во јавните финансии имаат за цел подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, одржливост и континуитет во спроведувањето на политиките, поправичен модел гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање (како се полни Буџетот и како и каде се трошат парите на граѓаните) и следење и мерење на резултатите. Едни од главните столбови на реформите во јавните финансии се транспарентноста и отчетноста, како и алоцирањето на јавните средства онаму каде што даваат најголеми резултати според приоритетите на утврдување на оптималните политики во интерес на граѓаните и стопанството, концептот „вредност на парите“ (Value for money) и воведувањето т.н. клучни индикатори на успешност (Key Performance Indicators)“, посочува Бесими и истакнува дека реформите во јавните финансии се неопходни за побрзо закрепнување од кризата, но и за забрзување на економскиот раст.

Согласно Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии, реформите во јавните финансии се  темелат врз осум столба. Првиот се однесува на зајакнување на капацитетите за економска анализа; вториот на мобилизација на приходите преку даночната и царинската политика; третиот е планирање и буџет; четвртиот се однесува на јавните набавки; петтиот на системот на интегрирани јавни финансии; шестиот столб се однесува на јавната внатрешна финансиска контрола; седмиот на надворешната контрола и парламентарниот надзор, додека осмиот столб се однесува на управувањето со јавните финансии на локално ниво.

Министерот за финансии во колумната ја посочува важноста на секој од овие столбови одделно во градењето систем на јавни финансии кој ќе биде основа за забрзан економски раст. Тој се осврнува и на централизираната заедничка веб-платформа за управување со финансии – ИФМИС, која ќе биде значаен чекор во унапредувањето на ефикасноста на овој систем.

„ИФМИС се очекува да ја поддржи измената на правната и институционалната буџетска рамка и да одговори на постојните предизвици преку проширување на опфатот на следење на извршувањето на Буџетот и фискалното известување, опфаќајќи ги сите фази од циклусот на расходите (од набавка до плаќање), како и навремено добивање консолидирана слика за јавните расходи. ИФМИС ќе овозможи, меѓу другото, воспоставување повеќегодишна буџетска рамка, воведување функција за управување со јавните инвестиции поврзана со идниот систем за јавно-приватни инвестиции, автоматизиран систем за надзор над обврските, вклучувајќи повеќегодишни обврски и централизирани податоци за преземените обврски, управување со основните средства и управување со долгот. Ќе се обезбеди сеопфатна достапност до податоците за јавни финансии, што ќе придонесе кон зголемена ефикасност во проeктирањето на ликвидноста и управувањето со финансиските текови“, посочува Бесими.

Во рамки на овој петти столб се предвидува и формирање Академија за јавни финансии со која ќе се обезбеди континуирана едукација на јавната администрација во областа на управувањето со јавните финансии и создавање модерна и компетентна администрација која ќе понуди квалитетни и брзи услуги за граѓаните и бизнисите. Бесими истакнува дека е неопходно вложување и во човечкиот капитал и зајакнување на капацитетите со цел спроведување на овие системски реформи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *