Вести|

28 јануари 2023, Скопје – РС Македонија доби потврда за политиките што ги спроведува и во време на криза и го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед, утврден од  Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“. Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед РС Македонија го има во континуитет и особено е значајно дека рејтингот не е променет и во време кога земјата се соочуваше со здравствено-економска криза, како и ценовната и енергетска криза.

Стабилниот изглед, според „Стандард и Пурс“ ги рефлектира очекувањата дека проактивното креирање политики на Владата на РС Македонија, како и умерените нивоа на државниот долг ќе ги неутрализира повеќекратните ризици кои произлегуваат од конфликтот во Украина.

„Стандард и Пурс“, во извештајот нотира дека  кризата ќе има влијание врз економскиот раст и во текот на оваа година, но очекувањата се дека  на среден рок тој ќе се врати на трендот пред кризата. Двигатели на растот, според „Стандард и Пурс“, ќе останат силната приватна потрошувачка поддржана од приспособливата монетарна политика, растот на платите и дознаките од странство. Покрај потрошувачката, клучен двигател на растот, ќе бидат инвестициите, особено јавните инвестиции, како што се проектот за автопатот Коридор 8 и Коридор 10. Придонес врз економските перспективи на земјата се очекува и од придвижувањето на ЕУ пристапниот процес. Странските директни инвестиции се очекува да закрепнат, а инфлацијата и ценовните притисоци да се намалат.

„Стандард и Пурс“, како што посочуваат очекуваат фискалната консолидација да продолжи. Кризата во 2023 година ќе има се уште влијание, но сепак буџетскиот дефицит очекува да биде понизок во однос на 2022 година на ниво од 4,1 %, кое е пониско од владините проекции (4,6 %). Придонес кон напорите на земјата за фискална консолидација според Агенцијата ќе има новиот Закон за буџети кој предвидува фискални правила и формирање независен Фискален совет. Се нотира дека се очекува и стабилизирање на државниот долг на среден рок, а позитивни ефекти се очекуваат и од даночната реформа.

Агенцијата нотира дека е значајно да продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики. Напорите за пристапување на нашата држава во ЕУ ќе придонесат за зајакнување на институционалната рамка.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *