6 февруари 2023, Скопје – Европската Унија ќе ѝ додели 100 милиони евра на РС Македонија за справување со последиците од енергетската криза. Денеска Европската комисија даде предлог за обезбедување на овие средства за поддршка на нашата земја, преку пакетот за макрофинансиска поддршка воспоставен во време на корона-кризата.
Предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на РС Македонија во текот на оваа и наредната година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи насочени кон фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавноприватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството, како и борбата против корупцијата.
„Ова значи поддршка од ЕУ за нашата земја на патот кон членство во ЕУ, поддршка за реформите и, најзначајно, поддршка на политиките во време на криза. Таа стигнува како потврда на она што го преземаме откако претходно истото беше потврдено и од меѓународните финансиски институции“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Помошта ќе биде исплатена во две транши, а е дополнување на претходно одобрениот Инструмент за претпазливост и ликвидност од Меѓународниот монетарен фонд. Средствата ќе бидат достапни по усвојувањето на предлогот во Европскиот парламент и Советот на ЕУ.
Станува збор за средства од пакетот што ЕК го воспостави во време на корона-кризата. РС Македонија во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.