8 февруари 2023, Скопје – Република Северна Македонија денес ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, којашто ќе се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови што доспеваат за отплата годинава. По основ на главнина и камата, за сервисирање стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главнина како и 138 милиони евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, за којашто само оваа година треба да се исплатат 450 милиони евра и 25 милиони евра камата.
Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки.
Купонската каматна стапка постигната денес изнесува од 6,25% на годишно ниво. Истата е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници со коишто се тргува во моментов на меѓународните берзи. Таа е многу пониска и од каматните стапки што преовладуваа во последните месеци откако започна енергетска криза и се движеа над 8%.
Финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава е обезбедено под уште поповолни услови преку Макрофинансиската помош на Европската комисија, Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ и преку други меѓународни институции, како Светска банка, Европска банка за обнова и развој и Европска инвестициска банка.
Пристапот е, во услови на скапи финансиски пазари, да не се изврши задолжување за целиот одобрен износ до 800 милиони евра, туку само за износот за враќање на старите долгови. Рочноста на новата еврообврзница е само четири години, при што интенцијата е да се оди со пократок период на отплата (наместо вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања.
Побарувачката за деветтата еврообврзница беше 2,5 пати поголема во однос на понудената сума, што ја потврдува довербата на инвеститорите во нашата економија и економски политики. Каматата на издадената еврообврзница е на исто ниво со каматата на еврообврзниците со слична рочност од држави членки на Унијата (Унгарија и Романија) и кандидати за членство во ЕУ (Србија), коишто ги издадоа од почетокот на годинава. Иако овие земји имаат подобар кредитен рејтинг, постигнатата купонска каматна стапка е на приближно исто ниво со онаа на деветтата еврообврзница.
Ова е потврда за здравите фундаменти и макроекономски политики што ги спроведува Владата, како што беше наведено и од страна на ММФ при одобрувањето и прегледот на Линијата за претпазливост и ликвидност, а дополнително е потврдено и преку макрофинансиската помош од Европската комисија, отворањето на скрининг процесот за почнување преговори за членство во ЕУ, како и посилната (од планираната) фискална консолидација и помалиот јавен долг во текот на 2022 година и во петгодишните проекции. Нашата заложба како Влада за внимателно управување со јавните финансии е преточена во современа законска регулатива, со носењето на новиот реформски Закон за буџети, со којшто се поставуваат фискални правила, односно лимити за долгот и буџетскиот дефицит и се основа Фискален совет, како независно тело, којшто ќе го надгледува неговото извршување.