17 февруари 2023, Скопје – Изнајдено е решение за исплата на платите во здравството, дури и ако до понеделник не се реши проблемот со системот на Фондот за здравство. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во гостувањето на националниот сервис МТВ, рече дека доколку до понеделник ФЗО не го реши проблемот со хакираниот систем, средства ќе бидат префрлени директно од средствата на централниот трезор, а понатаму ќе се изврши порамнување со Фондот.
„Очигледен е техничкиот проблем со системот во ФЗО и следствено на тоа и со исплатата на платите за здравствените работници. Јасно е дека станува збор за хибридна војна којашто не се случува само кај нас. Доколку набргу (зборувам за ден-два) не се отстрани проблемот со системот на ФЗО, платите ќе се исплатат од централниот трезор, а понатаму ќе се направи порамнување со буџетот на ФЗО. Мора да нагласам дека ФЗО има посебен систем на исплата од трезорот, па затоа изнајденото решение е надвор од редовните процедури, но е во рамки на законот“, рече Бесими.
На прашањето дали има доволно средства за исплата на платите во здравствениот сектор, министерот истакна дека Буџетот е ликвиден, а приходите во Буџетот од почетокот на годината заклучно со средината на февруари се повисоки за 10% во однос на истиот период лани.