22 март 2023, Скопје – Владата на РС Македонија обезбеди 70 милиони евра грант од ЕУ за финансирање на проектот за изградба на Пречистителна станица Скопје. Договорот за грант, којшто се обезбедува од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), денеска го потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова. На потпишувањето на Договорот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Станува збор за средства коишто се надополнување на веќе обезбедените финансиски средства за реализација на овој проект од страна на ЕИБ во износ од 68 милиони евра и 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Вкупната финансиска конструкција за реализација на овој проект, чија имплементација е во надлежност на Градот Скопје и ЈП Водовод и канализација, е 197,2 милиона евра.
Според вицепремиерот Маричиќ, овој проект е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на РС Македонија.
„Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ се со цел подобрување на условите за живот на сите наши граѓани“, рече Маричиќ, додавајќи дека проектот дава значаен и мерлив придонес во подобрувањето на урбаната средина на град Скопје, во подобрувањето на квалитетот на услугите за третман на отпадни води и во исполнувањето на европски стандарди.
Маричиќ посочи, дека со ваков тип проекти ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими потенцира дека Договорот што беше потпишан денеска претставува чекор поблиску за РС Македонија во остварувањето на европската перспектива и кон приклучувањето во европското семејство.
„РС Македонија ги започна преговорите со ЕУ и активностите на тој пат добиваат забрзана динамика. Паралелно со тоа, забрзано се одвиваат и реформите за да ја донесеме Европа дома, поточно имплементација на европските стандарди во секојднeвието. Покрај активностите за усогласување со европското законодавство, што се дел од овој процес, активно се работи и на значајни инфраструктурни проекти коишто ќе дадат придонес во севкупниот развој и раст на економијата. Дефинираните стратешки проекти се препознаени од страна на ЕУ, за што РС Македонија досега има добиено грантови во износ од 462 милиона евра при имплементација на 29 проекти, коишто имаат проценета инвестициска вредност од 2,6 милијарди евра“, рече министерот Бесими.
Министерката Шукова потенцира дека Владата со овој Договор ја затвора финансиската конструкција и овозможува отпочнување на изградбата на пречистителната станица за отпадни води за град Скопје. „По обезбедувањето на финансиите, останува обврската на Град Скопје да го доврши процесот на експропријација и заедно со Општина Гази Баба да ја завршат урбанистичко-планската документација и потпишувањето на договорите за градба и надзор од страна на директорот на ЈП Водовод и канализација. Ова е предизвикувачки процес кој бара голема координација на сите инволвирани страни. Но да, ние сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Овој проект е над сите политички интереси и воедно е императив доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Евроамбасадорот Гир потеницра дека патот кон ЕУ претставува процес на трансформација, но и на подобрување на животот и на животниот стандард. „Инвестицијата на Тим Европа во Пречистителната станица Скопје е практичен пример токму за ова. Пречистителната станица ќе може безбедно да ги третира и пречистува отпадните води генерирани од страна на речиси една третина од населението во земјата. Тоа ќе придонесе и за позелена европска иднина на оваа земја“, истакна тој.
„Исклучително сме горди што можеме да обезбедиме ваков вид поддршка за Северна Македонија во време на пролонгирана криза и сериозни предизвици. Потпишувањето на овој грант е силен показател за пристапот на Тим Европа и заложбата на ЕУ во однос на вашата земја на патот кон европската и регионалната интеграција, во исто време овозможувајќи и подобар животен стандард за сите. Со спроведувањето на овој проект се очекува значително унапредување на животната средина, како и здравствени придобивки, а воедно ќе се придонесе и кон заштита на животната средина и достигнување на климатските таргети“, истакна заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, надлежна за активностите во Северна Македонија.
Договорот што се потпиша денес е надополнување на богатото портфолио инвестиции коишто се реализирани со поддршка од ЕИБ во износ од 1,16 милијарди евра. Вредноста на инвестициите во изградба на модерна транспортна мрежа во земјава е 277 милиони евра, 178 милиони евра се инвестиции во водоводни и канализациски системи и подобар пристап до вода за пиење, а 64 милиони евра за енергетика. Во моментов ЕИБ финансира проекти во јавниот сектор во износ од 147 милиони евра, а вредноста на инвестициските грантови од ВБИФ добиени со поддршка од ЕИБ изнесува 82,2 милиона евра. Реализацијата на капиталните инвестиции што ќе ја доближат РС Македонија до ЕУ е еден од клучните приоритети, а за тоа потврда е испланираната сума од 800 милиони евра за инфраструктурни проекти во Буџетот за 2023 година.
Со потпишувањето на Договорот за грант од ЕУ за Пречистителната станица Скопје денеска се одбележува Светскиот ден на водите.