14 април 2023, Скопје — Преку забрзување на вкупните инвестиции во јавниот и во приватниот сектор ќе се генерираат нови работни места и ќе се забрза економскиот раст, посочува министерот Фатмир Бесими во интервјуто за „Гласот на Америка на македонски јазик“. Тој вели дека во Буџетот се издвоени средства за капитални инвестиции во вредност од 5,3% од БДП, што е двојно повеќе во однос на историскиот просек, но и дека преку програми ќе се поттикнуваат инвестиции од приватниот сектор. За поддршка на приватниот сектор и на населението во Буџетот се предвидени 225 милиони евра за антикризни мерки.
„Во следните пет години очекуваме раст на инвестициите во вкупната економија, и тоа од сегашните 31–32% на 38–39%. На тој начин ќе се генерираат нови работни места, но ќе се удвои и економскиот раст во однос на тоа колку изнесуваше во минатото, односно од околу 2,5% би очекувал 5% просечен годишен раст“, вели министерот за финансии и објаснува дека овие очекувања се темелат на заложбите на Владата значително да ги зголеми јавните инвестиции преку крупни капитални проекти како што е почетокот на изградбата на четирите нови автопати на коридорите 8 и 10, потоа изградбата на источната и западната пруга на железничкиот дел од Коридорот 8 и рехабилитација на пругата на Коридорот 10, како и вложување во енергетска независност. Бесими истакнува дека преку програми финансирани од Буџетот се поттикнуваат и приватните инвестиции.
Во однос на изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10, министерот посочува дека со нивното завршување нашата земја ќе стане крстосница на европските патишта, на клучните паневропски коридори, што е стратешки важно како за нас, така и за целиот регион. Проектот неколкукратно ќе ја подобри економската позиција и економскиот развој, со ефект од околу 2% од БДП на годишно ниво, или 10% од БДП во текот на петгодишниот период колку што ќе трае истиот.
Тековно, останува поддршката за граѓаните и стопанството со цел полесно соочување со глобалната криза. Министерот нагласи дека годинава во Буџетот се издвони 225 милиони евра за антикризни мерки, што претставува околу 1,5% од БДП. Превидени се средства за субвенционирање на сумата за електрична енергија. За потребите на стопанството, пак, обезбедени се средства преку поволните кредити на Развојната банка. Со програмите на Министерството за труд и социјална политика се предвидуваат средства за гарантираниот приход. Исто така, предвидени се средства и за други мерки доколку се јави потреба, како што беше случајот со поддршката на малите и средни претпријатија преку субвенционирана цена на електричната енергија во одреден временски период, за да можат да обезбедат пониски трошоци за нивното производство. На располагање стојат и административните мерки.