30 април 2023, Скопје – Високата инфлација влијае врз редистрибуцијата на доходот, забавување на потрошувачката, а со тоа и врз забавување на економската активност и економскиот раст. Профитните маржи, коишто во одреден дел се повисоки од реалното, прават притисоци врз цените и платите и со тоа ја одржуваат инфлацијата подолг период. Во време кога глобалната економија се соочува со повеќе предизвици, главно поврзани со упорната инфлација, креаторите на политиките ќе бидат насочени кон борбата со инфлацијата по секоја цена. Економските политики на Владата се насочени на три фронта – поддршка на стандардот на граѓаните, особено на најранливите категории, сузбивање на инфлацијата и поддршка на инвестициите и одржување позитивни стапки на раст на кус рок, а потоа и негово забрзување.
Ова се заклучоците во најновата колумна на министерот за финансии, Фатмир Бесими, посветена на одржување на растот во време на забавување на глобалната економија, висока инфлација и редистрибуција на доходот.
Министерот во својата колумна ја објаснува редистрибутивната улога на инфлацијата, која вообичаено посилно ги погодува помалку доходовните семејства. Со реалокацијата на средствата кон побогатите, кои ќе ги акумулираат и нема да ги трошат, доаѓа до забавување на економската активност. Инаку, инфлацијата влијае и врз редистрибуцијата помеѓу економиите, бидејќи растот на цените влијае врз конкурентноста на извозот.
Бесими посочува и на профитните маржи што влијаат на упорноста на инфлацијата, односно таа подолго да трае.
„Скоро прочитав една многу интересна анализа за корелацијата на инфлацијата со профитните маржи, којашто се базира на податоци од Евростат и аналитичкиот центар на „Блумберг“. Во анализата се истакнува дека земјите каде што се установени највисоките профитни маржи, забележуваат и највисока инфлација во Европа, како на пример Литванија, Ирска итн. Ова, впрочем, беше забележано и од страна на Европската централна банка, односно дека високите профити на компаниите ги туркаат цените и платите нагоре. Секако, ваквата поставеност на темите е генерализирање на исклучоците, но интересно е за научна дебата и за носителите на економските политики. Притоа, големо признание треба да ѝ се даде на бизнис-заедницата за покажаната отпорност кон кризата и храброста за инвестициски зафати, како и за иновативноста во нивните деловни решенија. Кризата секогаш е и нова можност“, пишува Бесими.
Министерот понатаму наведува дека со цел ублажување на ефектите од кризата во услови на фискална консолидација продолжува таргетираната помош кон ранливите категории и субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата. Зголемувањето на минималната плата и воведувањето механизам за прилагодување во согласност со трошоците на живот и порастот на просечната плата е системско решение за заштита на нискодоходовните категории граѓани од инфлацијата.
„Наскоро, со две минимални плати ќе може да се наполни една минимална потрошувачка кошничка, додека на пример, пред неколку години беа потребни три минимални плати. Сличен механизам воведовме и со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за административни службеници со цел прилагодување со минималната плата. Се работи и на ново законско решение за регулирање на платите на целиот јавен сектор на начин што системски ќе се регулира заштита на животниот стандард и ќе се следи растот на економијата. Друг механизам за заштита на ранливите категории е гарантираниот минимален доход, но и низа други мерки како што е Програмата за намалување на енергетската сиромаштија “, пишува министерот за финансии и додава дека е зголемена и поддршката за стратешките земјоделски производи, за малите и средни претпријатија преку цената на електрична енергија, а обезбедени се и поволни кредитни линии за ликвидност и енергетска транзиција.
Бесими посочува дека во услови на нарушени глобални синџири на додадена вредност и геоекономска фрагментација се отвора можност за привлекување нови странски директни инвестиции што ќе има дополнителен ефект врз економскиот раст во иднина. Оттаму, продолжуваат програмите за поддршка на домашните и странските инвестиции со фокус на тие што имаат поголема додадена вредност во производството, но и повеќе работни места со повисока образовна и професионална квалификација.
„Наша цел, покрај управувањето со ефектите од кризата, останува економскиот раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Продолжува трендот на намалување на невработеноста и зголемување на платите во економијата, при што порастот на продуктивноста останува важен предизвик. Се зголемува поддршката за активните мерки насочени кон пaзарот на трудот за поддршка на нови работни места и за нови мерки за поддршка на младите во работниот процес, како што е успешната мерка „Гаранција за младите“. Продолжуваме со здрави економски политики и реформи со цел зајакнување на конкурентноста на домашната економија, преку подобрување на инфраструктурата, деловната клима, владеењето на правото, дигитализацијата, зелената транзиција и енергетската независност, како и зајакнување на човечкиот капитал како клучна компонента во растот и развојот на економијата“, заклучува министерот Бесими.