16 мај 2023, Брисел – Република Северна Македонија од своето осамостојување е посветена на остварување евроатланска иднина. Од минатата година на тој пат веќе се отворени преговорите, се одвива скрининг процесот, кој треба да заврши во ноември годинава по што ќе следи извештај од страна на ЕК, и потоа се очекува интензивирање на активностите за да се оствари целта на Владата, РС Македонија да стане полноправна членка на ЕУ до 2030 година. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими кој денеска во Брисел се обрати пред Европскиот центар за политики на тема „Војната и импликациите врз Балканот: Перспективите на Северна Македонија“.
„Цврсто стоиме на определбата да ги спроведеме неопходните структурни реформи на патот до целосно интегрирање во ЕУ. Нашата цел е да создадеме подобри услови за живот, подобар животен стандард за граѓаните, подобра иднина особено за младите. Едноставно кажано да ја донесеме Европа дома“, рече министерот Бесими и додаде дека на тој пат не треба секоја пречка да не обесхрабрува, туку уште повеќе да не мотивира за развој на општеството и генерирање подобри резултати.
Во овој процес, како што посочи министерот, големо значење има Економскиот и финансиски дијалог, во рамки на кој денеска овде во Брисел, усвоивме заеднички заклучоци кои се насоки за политиките во наредната година и кои придонесуваат за насочување на капацитетите на државата кон спроведување на најприоритетните реформи, кои влијаат врз постигнување повисоки стапки на економски раст.
„Главниот фокус на владините политики, во условите кои се наметнаа со енергетската криза и војната во Укрина, е насочен кон справување со високата инфлација и исто така поддршка на инвестициите потребни за одржување на позитивна стапка на раст на краток рок и неговото забрзување на среден рок. Реализацијата на планираните јавни капитални инвестиции и очекувањата за намалување на инфлацијата во 2023 година, со спроведување на структурните реформи се основа за забрзување на растот на среден рок. Во таа насока, врвен приоритет ќе биде инвестирње во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, што ќе помогне да се намалат цените на енергијата и диверзификацијата на изворите на енергија. Напорите на Владата за зголемување на конкуреноста на економијата ќе бидат насочени кон справување со неформалната економија и унапредување на дигиталната транзиција, а ќе се работи и на подобрување на резултатите од образованието со цел да се намали стапката на невработеност“, истакна министерот Бесими.
Посочувајќи на придобивките од членството во ЕУ, рече дека секоја земја-членка остварува подобри резултати во ЕУ отколку да биде надвор од неа, укажувајќи на фактот дека ЕУ создава нова вредност.
„Членството во ЕУ, пред сè, вклучува пристап до пазар од повеќе од половина милијарда потрошувачи, обезбедува повисок економски раст, поповолна деловна клима, приближување на животниот стандард до стандардот во ЕУ, побрз напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, поголем напредок во институционалната демократија и доброто владеење, политичка стабилност, како и владеење на правото и борба со корупцијата. Секој нов напредок значи пристап и до нови фондови за финансирање за постигнување на зададените цели. Членството значи зголемена безбедност и стабилност на земјата, повисок кредитен рејтинг на земјата и зголемени домашни и странски инвестиции, кои ќе повлечат нови работни места, придружени со напредно знаење, нова технологија и зголемена конкурентност на домашната економија“, рече минитерот за финансии.
Тој потенцира дека гледајќи ги придобивките, европскиот пат за нашата земја нема друга алтернатива и додаде дека забрзувањето на преговарачките процеси за сите земји од Западен Балкан е многу значајно особено од аспект на случувањата со Украина и обезбедување долгорочна стабилност во регионот.
Центарот за европска политика (EPC) е независна, непрофитна тинк-тенк меѓународна организација посветена на поттикнување на европската интеграција.
Министерот за финансии во Брисел учествуваше на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, на кој се усвоија заеднички заклучоци за приоритетите во наредната година.