Вести|

24 мај 2023, Стразбур – Република Северна Македонија континуирано го надградува и развива системот за спречување перење пари и финансирање тероризам преку имплементација на меѓународните стандарди и презема голем број иницијативи за нивно побрзо и поефикасно спроведување како стратешка цел. На тој пат значајна е улогата на комитетот Манивол којшто придонесува за создавање поефективен систем. Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски кој ја предводи делегацијата на РС Македонија на 65-тиот пленарен состанок на Манивол што се одржува во Советот на Европа во Стразбур, а на кој се усвои Нацрт–изештајот за евалуација на на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на РС Македонија.
„Ги цениме напорите на Манивол во деталната процена на нашиот систем и препорачаните активности што се во насока на надградување на домашниот систем за спречување перење пари и финансирање тероризам“, рече заменик-министерот.
Тој ги истакна важноста и значењето на овој состанок и се заблагодари на поддршката и посветеноста на Манивол во текот на целиот процес на оценување. Извештајот, како што потенцира, ќе биде патоказ за зајакнување на системот во иднина.
Членството на РС Македонија во Манивол претставува можност за земјата да ги следи промените во меѓународното законодавство од областа на спречување перење пари и финансирање тероризам и имплементација во домашното законодавство, создавање мерки за соодветни одговори на новите трендови и облици на перење пари и финансирање тероризам, како и воспоставување ефективни механизми за национална и меѓународна соработка помеѓу надлежните домашни и странски органи со цел да се спречи перењето пари и финансирањето тероризам како криминални појави коишто ја поткопуваат стабилноста на финансискиот систем. За ефикасно справување со оваа појава значајна е улогата на институциите вклучени во нејзиното спречување, како и зајакнувањето на нивните капацитети, особено на Управата за борба против перење пари и финансирање тероризам со цел препознавање и ефикасно дејствување. За таа цел во Управата е имплементирана современа платформа наменета за субјектите што применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Усвојувањето на Нацрт-извештајот за евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на РС Македонија претставува заокружување на процесот што беше започнат во декември 2021 година. Ова е петтиот круг на евалуација на системот на нашата држава, со кој се оценува техничката усогласеност со препораките на ФАТФ, односно нашата правна и институционална рамка и ефикасноста на системот преку имплеменатција на законските надлежности и постигнатите резултати.

Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам (Манивол) е мониторинг тело на Советот на Европа со 47 земји членки, кoе поднесува извештаи директно до својот главен орган, Комитетот на министри на Советот на Европа. Задачата на Манивол е да ја процени усогласеноста на земјите членки со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и ефективноста на нивното спроведување, како и да дава препораки до националните власти во однос на неопходните подобрувања на нивните системи.
На пленарниот состанок во Стразбур учествуваат претставници од релевантните институции од земјава вклучени во процесот, и тоа: Управа за финансиско разузнавање, Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Министерство за внатрешни работи, НБРСМ, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија на осигурувањето и Централен регистар.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *