26 мај 2023, Тиват – „Заложбата на Владата на РС Македонија е да обезбеди долгорочна фискална одржливост. Само стабилни јавни финансии можат да обезбедат долгорочен раст и развој, насочен кон подобрување на животниот стандард на граѓаните. Оттука, постепено го намалуваме буџетскиот дефицит за да ги намалиме потребите за нови задолжувања, истовремено внимавајќи да не ја загрозиме развојната компоненета, бидејќи забавувањето на растот подеднакво произведува негативен ефект врз фискалната одржливост“, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на панел-дискусијата одржана во рамки на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка во Тиват, Црна Гора.
Министерот Бесими учествуваше на панел-дискусијата на тема „Стремеж за економска стабилност/Фискална консолидација и затегнување на монетарната политика – кој е оптималниот микс на политики?“, на која дебатираа гувернерите на централните банки на Молдавија, Ерменија и Романија, а свои обраќања имаа и претседателот на Банката на Холандија, Клас Кнот и директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.
Бесими посочи дека, во услови на преклопување на неколку глобални економски кризи потребна е добра координација помеѓу фискалната и монетарна политика. Во таа насока, тој истакна дека додека за време на корона-кризата имаше потреба од експанзивна фискална политика поддржана од олабавена монетарна политика за да се раздвижи економската активност, за време на инфлациски пристисоци фискалната политика треба да пружи поддршка во настојувањата преку монетарната политика да се заузди побарувачката и да се влијае врз ценовните притисоци преку фискална консолидација, особено преку внимателно управување со расходната страна. Во таа насока, нашата Влада донесе Стратегија за фискална одржливост, а спроведува и низа мерки со кои постепено се намалува јазот помеѓу приходната и расходната страна на Буџетот, што може да се согледа преку стеснувањето на буџетскиот дефицит од година во година.
Сепак, потенцира Бесими, дека фискалните власти треба да внимаваат на ранливите категории граѓани, како и на секторот мали и средни претпријатија, на кои им е потребна поддршка. Тука фискалната политика треба да ја одигра својата улога и да ги заштити овие субјекти, но и економијата. Притоа, креаторите на политиките треба да им дадат приоритет на реформите и на јавните инвестиции кои поттикнуваат раст, влијаат врз фискалната одржливост и ја забрзуваат зелената транзиција.
Министерот Бесими во Тиват, на маргините на состанокот на Конституенцата, оствари билатерални средби со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.