26 мај 2023, Скопје – Поефикасна и навремена реализација на градбите што се од стратешки интерес за државата е целта на измените на Законот за експропријација и на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, кои денеска беа усвоени во Собранието на РС Македонија.
Двете законски решенија се во насока на забрзување на реализацијата на сите стратешки проекти и нивно реализирање во пократок временски рок, а што ќе значи и пониски трошоци. Станува збор за законски измени кои не се прават наменски само за овие два проекта, туку ќе се применуваат на сите стратешки проекти од јавен интерес.
„Станува збор за законски решенија што ќе важат за сите проекти, не само за инфраструктурата на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, кои истовремено регулираат материја која се однесува на заштита на правата на граѓаните загарантирани со Устав. Не станува збор за новини, туку за прецизирање на постојните законски одредби кои досега не можеа да се применуваат во практика и ја одолговлекуваа реализацијата на проектите“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Измените во Законот за експропријација се однесуваат на поедноставување на постапката за доказот за обезбедени средства за надоместок за експроприраната недвижност во постапката за експропријација, се олеснува и забрзува процесот на експропријација за целите на изградба на објектите од стратешки интерес, односно предвидено е во случај кога сопственикот живее односно врши дејност, како и во случај на бесправни градби што се предмет на експропријација а во кои живеат физички лица, да се исплаќа соодветна закупнина со цел да им се овозможи побрзо напуштање на објектите што се предмет на експропријација и на тој начин да се обезбеди поголема ефикасност при реализирањето на проектите од стратешки интерес. Исто така, измените овозможуваат подобра примена во практика на Законот и тие ќе се однесуваат на сите проекти што ќе се реализираат во иднина.
Во насока на забрзана и непречена реализација на проекти од јавен интерес, зголемена ликвидност на Буџетот и зголемен економски раст се измените и во Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија. Овие измени се насочени кон намалување на трошоците за добра и услуги за цели на Проектот за изградба на коридите 8 и 10д, како и забрзана реализација на истиот.
Двата проекта значат заокружување на инвестициите на коридорите 8 и 10, воспоставување целосна функционалност и одржување на добрата кондиција на патната инфраструктура, а со тоа земјата ќе се позиционира како неизбежна транспортна рута и дел од европските коридори. Ова е дел од транспортните политики на државата кои се засноваат на интеграција со регионот, како и поврзување на регионот со земјите членки на Европската Унија, односно стратешка определба усвоена во Националната транспортна стратегија 2018-2030 година.