Вести|

26 мај 2023, Тиват – Реализацијата на проектите во земјата што се дел од Стратегијата за партнерство на РС Македонија со Светска банка за периодот 2019-2023 и активностите што се одвиваат за продолжување и продлабочување на таа соработка беа тема на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани и регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора.

Инфраструктурни проекти, изградба на локални патишта, модернизација на образованието и  дигитализација се само дел од областите на кои е фокусирана Стратегијата. Значајна поддршка се дава на енергетскиот сектор, особено преку подобрување на енергетската ефикасност, поле кое и во иднина ќе биде меѓу приоритетните, со цел да се надминат предизвиците што ги наметна енергетската криза, како и влијанието на климатските промени.

„Внимателното идентификување на приоритетите е најзначајно за успешна реализација на новата програма и постигнување на поставените цели. Приоритетите што ќе бидат вградени во новата Стратегија треба да произлезат од она што е дефинирано како приоритет на Владата во националните стратешки документи и во Програмата за економски раст, во која се вклучени  клучните реформи заеднички усвоени со Европската Унија, а кои значат и побрзо приближување на земјата кон ЕУ“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Меѓу идентификуваните области на кои би се засновала идната соработка се обезбедување одржлив развој на општините, подобрување на квалитетот на воздухот, дигитален развој и енергетска транзиција.

На средбата беше потврдено дека политиките што ги спроведува Владата обезбедуваат одржливост на среден рок. Таквите политики поддржани со значајни инвестициски проекти и спроведувањето на реформите ќе доведат до забрзан економски раст.

Оваа средба на која учествуваше и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска беше остварена на маргините на состанокот на Конституенцата на ММФ и СБ што се одржува во Тиват, Црна Гора.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *