2 јуни 2023, Скопје – Издавањето на граѓанската обврзница, како нов инструмент на пазарот, ќе им овозможи на граѓаните да ги инвестираат своите пари и за тоа да добијат добри и безбедни приноси, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Воведувањето на граѓанската обврзница како инструмент на финансискиот пазар има повеќе придобивки. Првата е што граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите заштеди во хартии од вредност кои се прилично безризични, носат принос и ја штитат нивната вредност од инфлациските притисоци. Второ е што со издавањето на оваа обврзница ќе се влијае врз развојот на пазарот на капитал и ќе се воспостави практика и граѓаните да се вклучат во тој сегмент. И трето, она од што очекуваме ефекти понатаму, е да влијае врз намалување на готовината во оптек и воедно намалување на сивата економија“, истакна министерот Бесими во гостувањето во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма.
Станува збор за инструмент кој има равојна компонента, бидејќи средствата што ќе се обезбедат од овие инструменти на пазарот на капитал ќе се инвестираат во проекти планирани со Буџетот. Поточно, тие се веќе планирани во буџетскиот дефицит, а тој оваа година е целосно насочен кон капитални расходи.
Како што е веќе најавено, износот на една обврзница ќе биде 10.000 денари, а каматата ќе биде пониска од онаа што е постигната за еврообврзницата, но повисока од каматата на депозитите.
Министерот оценува дека воведувањето на овој инструмент нема да има негативно влијание врз депозитите во банките, бидејќи планираната сума од 50 милиони евра е само 1% од депозитите во банките.
Во интервјуто се осврна на политиките што се преземаат за справување со кризата и намалување на инфлацијата. Притоа истакна дека фискалната и монетарната политика се во постојана координација и дека фискалната политика ѝ помага на монетарната во нејзините напори за справување со инфалцијата.
„Оваа година, во Буџетот се предвидени се 225 милиони евра за справување со енергетската криза. Досега, односно во текот на 2021, 2022 и почетокот на 2023 година од Буџетот се дадени 320 милиони евра за да се обезбеди субвенционирана цена на електрична енергија за домаќинствата и компаниите на регулираниот пазар. Покрај овие средства, речиси 70 милиони евра изнесуваат приходите од кои се откажа државата со мерката за намалување на ДДВ на електричната енергија за домаќинствата на 5% и 10% од 2021 година до крајот на јуни 2023 година. Значи, станува збор за директни субвенции за граѓаните од околу 400 милиони евра“, рече министерот Бесими и додаде дека станува збор за средства обезбедени од даноците на граѓаните, како и од грантот на ЕУ.
Тој истакна дека Владата секогаш има слух, оттаму постојано се разгледуваат сите опции со цел граѓаните да го амортизираат трошокот на цените на електричната енергија, а тој процес ќе продолжи и годинава и ќе се најде начин тоа да биде најприфатливо за граѓаните.
Во врска со изградбата на коридорите 8 и 10д, министерот упати на тоа дека станува збор за стратешки проект и дека избраниот начин за негова реализација е со цел тој да се реализира во пократок рок. Воедно се прават напори за негово финансирање на најоптимален начин. Најави дека интерес за финансирање на проектот изразиле американската Ексим банка, Банката на Велика Британија и други конзорциуми.