22 јуни 2023, Тирана – Зелената транзиција е еден од приоритетите кои се високо позиционирани на листата на Владата на РС Македонија, што се покажа како исклучително значајно во периодот на енергетската криза. Во изминатиот период, Владата сериозно се посвети на инвестициите во енергетскиот сектор, со цел спроведување успешна енергетска транзиција со која ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето енергенти, одржливост на енергетскиот систем, а воедно ќе биде ценовно прифатлива за сите граѓани и компании. Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, во своето обраќање на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ во Тирана на тема „Зелена транзиција“.
„Кризата ја изнесе на површина потребата од енергетска независност. За нас е многу значајно што со навремено преземање чекори, будно следење на состојбата и добро планирање на целокупниот производствен процес во домашните капацитети успешно ја поминавме грејната сезона и целиот овој кризен период. Оценивме дека најбрзо може да се реализира поставувањето фотоволтаични централи и затоа ги олеснивме условите за нивно поставување. Дополнително, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 17 месеци има издадено лиценци за речиси 500 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 246,9 MW, што значи дека сè повеќе компании и фабрики во земјава сами произведуваат електрична енергија и со тоа обезбедуваат не само сигурност во снабдувањето, туку и пониски трошоци за електрична енергија“, истакна заменик-министерот Николоски.
Покрај новите инвестиции, Владата презема чекори за зголемување на домашното производство од постоечките енергетски капацитети со активирање на ТЕЦ Неготино и искористување на целокупниот капацитет на РЕК Битола и РЕК Осломеј. Дополнително, АД ЕСМ целосно ги задоволи потребите за домаќинствата и компаниите на регулираниот пазар, а притоа увозот на електрична енергија беше намален што претставува заштеда од околу 100 милиони евра.
Досегашната поддршка од страна на Владата за граѓаните со цел справување со енергетската криза изнесува околу 400 милиони евра. Поради непредвидливоста, оваа година Во Буџетот се планирани дополнителни 225 милиони евра за справување со кризата.
„Посветени сме на развивање и градење сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем во функција на одржлив економски раст на земјата. За таа цел Владата на РС Македонија планира инвестиции на долг рок во зелена транзиција, меѓу кои е ХЕЦ Чебрен, потоа ревитализација и модернизација на големите хидроелектрани РЕК Битола и РЕК Осломеј, изградба на ветерни паркови и слично“, рече Николоски.
Инвестициите во зелена транзиција се приоритет и во Планот за забрзан економски раст со кој се предвидува воведување нови финансиски инструменти, како што е зелената обврзница, наменета токму за поддршка на овие зелени проекти, како и воспоставување Фонд за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка на Северна Македонија.
ЦЕФ е меѓународна организација со седиште во Љубљана, Словенија, чија мисија е да го поддржи развојот на капацитетите на финансиските службеници во Југоисточна Европа преку учење. На годишниот состанок, Одборот го потврди годишниот извештај на ЦЕФ за 2022 година и ги разгледа темите поврзани со управувањето и со програмата. На средбата учествуваа високи претставници од министерствата за финансии и централните банки од земји членки на ЦЕФ.