6 јули 2023, Скопје – Состојбите во банкарскиот сектор, како и процесот што се одвива преку деловните банки за купување на граѓанската обврзница, којшто е во тек, беа тема на денешната средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева.
Процесот на запишување граѓански обврзници, што започна на 30 јуни со објавувањето на Проспектот за оваа прва емисија на граѓански обврзници, се одвива преку сите деловни банки, каде што граѓаните може да отидат и да поднесат барање за да учествуваат на аукцијата и воедно да го уплатат износот за кој сакаат да купат обврзници.
Според информациите споделени на средбата, граѓаните покажуваат интерес за овој нов иновативен производ на домашниот финансиски пазар и добиваат поддршка во банките за целата постапка.
„Во овој процес сме заедно со банките во нашата земја и очекуваме успешно да се заокружи. На граѓаните им нудиме иновативен производ, кој истовремено им овозможува сигурност за вложените пари, добар принос изразен преку каматата што ќе ја добијат и, секако, заштита на вредноста на парите во услови на високи стапки на инфлација“, рече министерот Бесими.
Граѓаните можат да поднесат барање за учество на аукцијата, односно да купат граѓанска обврзница, до 12 јули 2023 година. Минималниот износ што можат да го вложат е 10.000 денари, колку што вреди една обрзница, а за инвестицијата, која се смета за безризична и сигурна, ќе добијат принос од 5% годишно. Каматата е фиксна и нема да се промени во периодот на кој е издадена граѓанската обврзница, односно 2 години, како што е дефинирано во објавениот Проспект. Со Проспектот е предвидено да се запишат граѓански обврзници во износ од 10 милиони евра, износ кој може да се прошири зависно од интересот. Сите граѓани што ќе поднесат барање ќе имаат можност да купат граѓанска обврзница.
.