11 јули 2023, Скопје – Со постигнатиот договор со синдикатите, 85.000 вработени во државната администрација на централно ниво и буџетските корисници ќе добијат покачување од 10% со септемвриската плата, а ќе им биде исплатен и К-15 во висина од 10.000 денари, за што ќе се обезбедат средства со ребалансот на Буџетот во септември, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостувањето во емисијата „24 Анализа“. Во врска со граѓанската обврзница, министерот истакна дека интересот е огромен и најави дека за да им се излезе во пресрет на граѓаните ќе се прифатат сите барања што ќе бидат доставени до утре – 12 јули.
Министерот рече дека е договорено и воведување системско решение за редовно покачување на платите во јавниот сектор од 2025 година, а од следната година регресот за годишен одмор ќе изнесува 30% од просечната исплатена плата. Во меѓувреме, Министерството за финансии ќе започне со подготовка на ребаланс со кој ќе се обезбедат средства за покачувањето на платите на администрацијата од септември и исплата на К-15.
Во однос на граѓанската обврзница, Бесими посочи дека граѓаните можат да доставуваат барања во деловните банки уште денес и утре. „Имавме желба да го лансираме овој производ кој нема за цел да го финансира Буџетот. Целта е да се раздвижи пазарот на капитал, да понудиме нов инструмент за граѓаните со цел да го прошират своето инвестициско портфолио. Тоа е безризична инвестиција, а воведувањето на овој инструмент исто така влијае врз намалување на сивата економија бидејќи ја активира готовината на граѓаните. Исто така, со инвестирањето во граѓанската обврзница граѓаните ќе придонесат во развојот на земјата. Дополнително ќе остварат и принос со кој се штити вредноста на парите во услови на висока инфлација“, рече министерот Бесими. Тој истакна дека проспектот на аукцијата е објавен на 600 милиони денари, но доколку има интерес за 15 милиони евра ќе се запише целиот износ. Воедно најави дека во текот на годината ќе има и други аукции на граѓански обврзници, соодветно на високиот интерес на јавноста за овој инструмент.