Вести|

12 јули 2023, Скопје – Преговорите за решавање на прашањето на платите во јавната администрација е релативно тежок процес, особено затоа што се одвива во услови на криза,  но важно е дека во тој процес ја имавме целосната поддршка од премиерот Димитар Ковачевски, а од друга страна имавме кредибилен партнер во синдикатите кои сериозно пристапија во изнаоѓање на решението. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостувањето на ТВ 21.

„Важно е дека, преку дијалог дојдовме до решение кое е во интерес на работниците, кое е одржливо и системско и кое овозможува независност на администрацијата во однос на прашањето на платите. Ова решение нема да биде предмет на преговори, а воедно ќе го штити стандардот  и ќе ја следи продуктивноста на стопанството. Тоа претставува солидна основа за изградба на здрава и професионална јавна администрација“, рече министерот Бесими.

Посочи дека со овој договор се опфатени 129.000 вработени во јавната администрација на централно и локално ниво, односно буџетски корисници, јавни претпријатија на локално и централно ниво, општини и слично, кои согласно договореното ќе добијат 10% повисока плата од септември 2023 година, исплата на К-15 за 2023 година во износ од 10.000 денари, потоа исплата на К-15 од 2024 година во износ од најмалку 30% од просечната нето-плата, како и методологија поврзана со коефициент помножен со просечната бруто-плата од март 2025 година.

Како што наведе, потребните средства за спроведување на овој договор годинава ќе се обезбедат со ребаланс или преаспределба само на расходната страна на Буџетот и дека тоа ќе биде усвоено од страна на Собранието во текот на септември.

Средствата, како што појасни, ќе се бараат со прераспределби, а тоа нема да го зголеми дефицитот.

Наредните денови се очекува потигнатиот договор со синдиактите да биде на дневен ред на седницата на Економско-социјалниот совет.

Во интервјуто министерот истакна дека очекува да се постигне решение, како ова што беше постигнато за Општиот колективен договор, и во однос на барањата на вработените во Управата за јавни приходи и Царинската управа, каде што веќе се одвиваат преговори со посредство на медијатор.

Министерот се осврна и на процесот на издавање на граѓанската обврзница, со оглед на тоа што денеска е последен ден во кој граѓаните можат да поднесат барање за купување.

Наведе дека ова е нов иновативен инструмент во кој граѓаните ја препознале можноста што ја нуди и дека веќе е надминат износот  на кој беше објавен проспектот за аукцијата.

„Заклучно со вчерашниот ден се запишани 14 милиони евра, но утре, кога ќе се одржи аукцијата, ќе го знаеме точниот износ. Ќе бидат запишани сите средства за кои граѓаните покажале интерес. Средствата обезбедени преку овој инструмент ќе влезат во трезорот и ќе се користат за финансирање развојни проекти коишто се предвидени и планирани со Буџетот“, рече министерот за финансии, додавајќи дека за граѓаните нуди атрактивен принос за безризична инвестиција.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *