19 јули 2023, Скопје – Владата на РС Македонија обезбеди 100 милиони евра поволни средства за поддршка на ЕСМ што е дел од активностите што се преземаат за справување со енергетската криза. Законското решение со кое овие средства од Европската банка за обнова и развој ќе му станат достапни на АД ЕСМ беше поддржано вчера од страна на Собранието.
Донесувањето на Законот за гаранција на РС Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ – Скопје е предуслов за потпишување на Договорот за заем помеѓу ЕБОР и АД ЕСМ. Со Договорот се обезбедуваат 100 милиони евра за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ.
Станува збор за обезбедување поволни средства за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ во период на енергетска криза, а со цел натамошно стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на граѓаните и компаниите. Рокот на отплата на средствата е пет години со грејс период од 6 месеци и варијабилна каматна стапка што се состои од шестмесечен Еурибор зголемен за маргина од 1%.
Ова претставува продолжение на мерките на Владата за справување со енергетската криза и финансиската поддршка од Буџетот за да се обезбеди субвенционирана цена за домаќинствата и редовно снабдување со електрична енергија. Овие исклучително поволни средства ќе бидат дополнителна поддршка на тие активности. Владата досега донесе два пакета антикризни мерки во вредност од над 760 милиони евра, а за годинава во Буџетот се обезбедени 225 милиони евра.
Корисник на средствата ќе биде АД ЕСМ – Скопје и сите обврски по заемот ќе ги сервисира компанијата. Државата издава само гаранција. По донесување на Законот ќе следи потпишување Договор за гаранција помеѓу РС Македонија и ЕБОР, Договор за заем помеѓу АД ЕСМ и ЕБОР и Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу МФ и АД ЕСМ.