Вести|

25 јули 2023, Скопје – Денеска на Македонската берза министерот за финансии, Фатмир Бесими заедно со извршниот директор, Иван Штерив симболично, со заѕвонувње на ѕвоното, го означија стартот на тргувањето со граѓанската обврзница. Првата емисија на граѓанска обврзница беше издадена во текот на овој месец, при што на аукцијата што се одржа на 13 јули беа запишани вкупно 1.448.030.000 денари.

„Граѓаните кои учествуваа на аукцијата на 13 јули 2023 година од денеска можат да тргуваат со своите граѓански обврзници преку Берзата, односно имаат можност, доколку сакаат, парите што ги инвестирале да ги добијат пред истекот на обврзницата и тоа преку Берзата. Од друга страна, ова е можност граѓанска обврзница да купат и оние што не успеале да учествуваат на аукцијата на 13 јули“, рече министерот Бесими.

Граѓаните ќе можат да тргуваат со граѓанската обврзница преку банките (Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка АД Скопје, ТТК Банка и Шпаркасе банка) и брокерските куќи.

„Граѓаните ги препознаа предностите на овој нов иновативен производ што го понудивме на финансискиот пазар. На првата емисија интересот беше 2,5 пати поголем од објавениот износ и сѐ уште постои интерес од страна на граѓаните кои се интересираат кога и како можат да купат граѓанска обврзница. Беа запишани вкупно 1.448.030.000 денари од страна на 1283 граѓани. Минималниот износ со кој можеше да се учествува на аукцијата што се одржа на 13 јули беше 10.000 денари, односно една обврзница. Притоа, каматата што ќе ја добијат граѓаните кои купија граѓански обврзници е 5% на годишно ниво, односно вкупно 10% за двете години. Приносот ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 и 20 јули 2025 година“, истакна министерот.

Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев посочи дека котацијата и отпочнувањето со тргување со граѓанските обврзници на Берзата, покрај тоа што на имателите на обврзниците ќе им обезбеди централизирано место за нивно продавање и купување, претставува и проширување на понудата на финансиски инструменти на нашиот пазар.

„Големиот интерес за купување на овие обврзници при примарната емисија ја потврдува тезата на Берзата дека побарувачка за квалитетни и атрактивни инструменти на пазарот и тоа како постои – треба само да се сака и да се знае како тоа да се искористи. Со издавањето на граѓанската обврзница Министерството за финансии го препозна ова и дејствуваше во вистинскиот правец. Се надеваме дека ова е само почеток и дека ќе следуваат нови вакви или слични емисии на државни хартии од вредност, при што Берзата, како институција и инфраструктура, е секогаш подготвена да ги поддржи ваквите активности во функција на дополнителен развој на инвестициската култура и на македонскиот пазар на капитал во целина“, рече Штериев.

Граѓанската обврзница, како безризичен и сигурен инструмент за граѓаните,

ќе биде присутна на пазарот во контиуитет и веќе е планирано издавање на уште една емисија до крајот на годината. Бенефитите за граѓаните од инвестирањето во овој инструмент се повеќекратни. Но инвестирањето во нив значи и придонес во растот на економијата, како и намалување на сивата економија. Покрај граѓанската обврзница, до крајот на годината ќе биде понуден уште еден нов инструмент – зелена обврзница, која ќе биде наменета и за граѓаните и за правните лица, а средствата ќе се користат за зелени инвестиции.

Покрај граѓанската обврзница на Берзата котираат обвзниците за денационализација и континуираните државни обврзници. Согласно потпишаниот Договор помеѓу Министерството за финансии и Берзата, во наредниот период ќе продолжи котацијата на сите идни емисии на државни обврзници за кои Министерството ќе поднесе барање до Берзата.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *