15 август 2023 година, Скопје – Министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими, денеска беше избран за полноправен член на глобалната Коалиција на министри за финансии за климатска акција. Коалицијата претставува глобална иницијатива во која членуваат министри за финансии на 90 држави и претставници на 26 институционални партнери.
Коалицијата е основана во април 2019 година со цел координирање на активностите на министрите за финансии во насока на почитување на преземените обврски од Парискиот климатски договор и Хелсиншките принципи за климатска акција. Мисијата на Коалицијата е целосно компатибилна со Планот за забрзан раст 2022 – 2026 година, во кој една од приоритетните области е заштита на животната средина заедно со климатската акција, како и со Фискалната стратегија 2023 – 2025 со изгледи до 2027 година, Програмата на економски реформи 2023 – 2025 година и другите стратешки документи на Владата и Министерството за финансии.
Климатските промени се реалност, а поплавите, сушите, пожарите и другите природни непогоди бараат функционални системи за превенција и справување, коишто треба континуирано да се вградуваат во буџетскиот процес. Исто така, Коалицијата има за цел да ја поттикне зелената транзиција, меѓу другото, и преку поголемо користење на обновливите извори на енергија и поголема заштита на погодените категории граѓани и фирми. Воедно, Коалицијата е задолжена за координиран одговор на министрите за финансии, преку поголеми јавни инвестиции и мобилизирање значаен приватен капитал за зголемување на адаптибилноста и отпорноста кон климатските промени. Државите членки на Коалицијата учествуваат со 40% во глобалната емисија на стакленички гасови и со 66% во светскиот бруто-домашен производ.