Вести|

4 септември 2023, Скопје – РС Македонија успеа да ја зачува стабилноста и здравата макроекономска поставеност и покрај турбулентниот период проследен со неколку глобални економски кризи. Доказ за тоа е и одобрувањето на аранжманот ПЛЛ во износ од 530 милиони евра, којшто се доделува на држави со здрави економски фундаменти. Ова беше истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и новиот регионален претставник за Западен Балкан на Меѓународниот монетарен фонд, Себастијан Соса, кој оваа функција ќе ја извршува во следните три години.

„Во РС Македонија како и во другите земји се чувствува влијанието од  континуираниот кризен период. Преземаме континуирани мерки за справување со глобалните влијанија, а сѐ со цел да се одржи стабилноста и да се заштити стандардот на граѓаните. Во тие напори, ММФ минатата година, а врз основа на оценката за здравоста на политиките што ги спроведуваме, одобри пристап до поволни средства во износ од 530 милиони евра преку  инструментот за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ“, рече министерот Бесими на средбата.

Посочувајќи дека управувањето со јавните финансии е особен предизвик во турбулентно економско окружување, коешто се наметна како резултат на здравствената, а потоа и на енергетската криза, што ги измести речиси сите економии од нивната траекторија на раст, тој наведе дека Буџетот за оваа година е креиран да помогне да се ублажат последиците од кризата, да се обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, да се исполнат стандардите на НАТО, но и да се постават темелите за економско закрепнување и да се обезбеди забрзување на економскиот раст. Притоа, солидна основа за забрзување на растот на среден рок е поставена во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст.

На средбата беше истакнато дека продолжуваат напорите за фискална консолидација и дека  од почетокот на кризата наваму се забележува постепено намалување на буџетскиот дефицит, со цел тој да се спушти под 3% на среден рок, согласно мастришкиот критериум, преку подобрување на наплатата на буџетските приходи со мерки за намалување на сивата економија и зголемена ефикасност на администрирањето на приходите, потоа намалување и реструктурирање на буџетските расходи преку кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, односно нивна поголема диверзификација.

Инаку, пред Себастијан соса оваа функција во ММФ ја извршуваше Штефани Ебле, на која министерот ѝ се заблагодари за досегашната соработка и ѝ посака успех во натамошните ангажмани.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *