7 септември 2023, Скопје – Со Предлог-одлуката за прераспределба на Буџетот за 2023 година, што денеска беше усвоена на седница на Владата и ќе биде доставена до Собранието на усвојување, обезбедуваме повисоки плати за 10% во цела јавна администрација, исплата на К-15, повисоки пензии за пензионерите, повеќе средства за социјална помош, средства за набавка на лекови, субвенции за земјоделците, дополнителна поддршка за фирмите, како и нов, деветти пакет антикризни мерки.
Ова го соопшти министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес-конференција, на која истакна дека средствата за овие цели се обезбедуваат преку реалокација и дека тоа се прави со Одлука за прераспределба, а не со ребаланс на Буџетот од причина што до крајот на годината се очекува реализација на приходната и расходната страна во ист номинален износ, согласно проектираното во Буџетот за 2023 година.
„Пристапивме кон овие реалокации на средства главно во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот – покачување на платите во јавниот сектор, исплата на К-15, покачување на пензиите, на социјалните трансфери, исплата на субвенциите за земјоделците, но и нов, деветти пакет антикризни мерки. Нашата цел е поддршка за граѓаните за да ги олесниме ценовните притисоци што е можно повеќе. Воедно, ја задржуваме развојната компонента на Буџетот, со повисоко ниво планирани капитални инвестиции во однос на буџетскиот дефицит. Исто така, се реалоцираат дополнителни средства за поддршка на компаниите, како странски, така и домашни“, истакна министерот и додаде дека стратегијата е заздравување на економијата, пред сѐ заштита на стандардот на граѓаните, а понатаму и забрзување на растот.
Потребните прилагодувања во Буџетот, како што рече, се направени преку реалокација на средствата од позиции каде што има послаба динамика и каде што процесите дозволуваат да се направат прераспределби кон позиции каде што се преземени обврски. Притоа, потенцира, дека не се отфрла ниту еден капитален проект, како и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно согласно златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели.
Со Предлог-одлуката се обезбедуваат дополнителни 4,25 милијарди денари за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 10% и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10.000 денари, 3,5 милијарди денари за пораст на пензиите за околу 6% за 336 илјади пензионери почнувајќи од септември 2023 година, 600 милиони денари за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход, 800 милиони денари за земјоделски субвенции, пред сѐ за субвенции за млеко, сточарско производство и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство. Исто така, обезбедени се 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта“ за 55 пациенти, 20 милиони денари за набавка на дигитални сензори за следење на шеќерната болест, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, но и 166 милиони денари за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование. За исплата на студентски оброк на 29.000 студенти и за исплата на стипендии на 6.900 студенти и 9.600 ученици обезбедени се 290 милиони денари, потоа 650 милиони денари за исплата на МОЈ ДДВ за третиот квартал заради зголемувањето на лимитот на повратот, а со Предлог-одлуката беа направени и дополнителни алокации за државна помош за компании во износ од 1,081 милијарда денари, и тоа за домашни компании 581 милион денари, за странски компании 200 милиони денари и за компании и инфраструктурно уредување во ТИРЗ 300 милиони денари.
Бесими потенцира дека со Предлог-одлуката се обезбедуваат средства за реализација на мерки од деветтиот пакет антикризни мерки, во рамки на предвидените средства во износ од 4,55 милијарди денари во програмата П1.
Дополнителните средства се обезбедени, а притоа буџетскиот дефицит останува ист, непроменет во номинален износ, со што се докажува посветеноста кон постепена фискална консолидација. Исто така, со оваа прераспределба се зачувува златното правило во финансиите, односно капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, а притоа нема да се отфрли ниту еден капитален проект.
Со Одлуката вкупните прераспределби изнесуваат 18,2 милијарди денари, коишто се обезбедени со заштеди онаму каде што непреченото одвивање на процесите го дозволува тоа, но и со зголемена наплата на придонесите, како и со кратење од позициите каде што има послаба динамика на реализација.