15 септември 2023, Скопје – Економскиот ефект од ЕУ е од 15 до 20 проценти повисок БДП за новите земји членки, нови и подобро платени работни места, сигурност и стабилност. Треба да се искористи моментот за да Република Северна Македонија стане 28-ма членка на Европската Унија. Ова беа главните пораки од отворањето на Третата годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум – СЕФФ, во организација на Министерството за финансии. Со поздравни обраќања, Конференцијата ја отворија министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за буџет и администрација, Jоханес Хан.
Како што посочи министерот Бесими, СЕФФ е платформа за дискусија на јавните политики којашто произлезе како потреба за време на корона-кризата, а има за цел да ги обедини сите општествени чинители, како креаторите на политики, политичките претставници, бизнис-заедницата, академските претставници со цел изнаоѓање најдобри солуции. Годинашната тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“ е посветена на предизвиците и можностите коишто се поставуваат пред сите земји од Западен Балкан во контекст на евроинтеграциите.
„Убавата, мултикултурна, пацифистичка и развојно ориентирана Европска Унија произлезе од потребата Европа повторно да се изгради. Оттогаш, економијата, мирот и безбедноста и човековите права се нејзини двигатели. Влијанието на ЕУ е проценето на дополнителни 15 – 20 проценти од БДП по глава на жител, вклучително и неколкукратен раст на фондовите достапни по пристапувањето, на пример само кохезионите фондови се 22 пати повисоки. Во време на повеќекратни кризи, коишто се преклопуваат, сега, повеќе од кога и да било претходно, е време земјите да се поддржуваат една со друга“, порача министерот Бесими.
Фокус на обраќањето на премирот Ковачевски, исто така, беа придобивките од членството во ЕУ. Тој ги истакна економските ефекти од членството во Европската Унија коишто се високомултипликативни. „Тоа во првите 5 години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти, пораст на БДП во износи од 80 до 90 проценти, зголемен број работни места, за 30 до 40 проценти зголемен број на мали и средни претпријатија“, порача Ковачевски.
Тој во своето обраќање се осврна и на напредокот што го оствари земјава во текот на изминатите неколку години, пред сѐ на економски план.
„Стапката на невработеност денес, за разлика од 2016 година кога изнесуваше речиси 24%, е намалена на 14,4%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5%. Споредбата за овие години е огромна и во делот на странските директни инвестиции: ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022 година, позавршувањето на пандемијата на ковид-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. За споредба, во 2016 година минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 20.175 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето–плата во 2016 година изнесуваше нешто над 22 000 денари, а во 2023 година е историски највисока и изнесува скоро 37.000 денари. Првпат донесовме и системско решение за раст на пензиите“, порача премиерот Ковачевски.
Еврокомесарот Јоханес Хан во своето обраќање истакна дека РС Македонија треба да го искористи позитивниот моментум за евроинтеграции, како и дека Европската Унија покрај економските придобивки, носи и многу други подобри услови за граѓаните, од аспект на владеење на правото, граѓанските права, чувството на заедништво и единствено.
„Вие сте значајни за европското семејство. Ќе направиме сѐ што треба за да се забрза процесот. Да го искористиме моментот заедно! Верувам дека Република Северна Македонија може да биде 28-ма членка на ЕУ. Работете заедно, сите политички опции во земјава, како тим, за да стигнеме таму“, порача еврокомесарот Хан.
На првата панел-дискусија од Конференцијата „Европска и регионална интеграција“, стана збор за приближување на земјите од Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, како и за новиот план за Западен Балкан презентиран од страна на претседателката на Европската комисија на ГЛОБСЕК 2023 во Братислава. На панел-дискусијата зборуваа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, регионалната директорка на Светска банка, Шиаочин Ју, заменикот на шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Нону, заменикот на шефот на мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер и претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојановски.