Вести|

19 септември, 2023, Скопје – Даночната реформа како дел од поширокиот процес на реформи во јавните финансии доби поддршка во Собранието. Денеска беа усовоени измени на Законот за данок на добивка и на Законот за данок на додадена вредност, коишто се во насока на креирање пооптимален даночен систем кој ќе обезбеди повисоко ниво на праведност, ќе го поддржи економскиот раст и ќе овозможи понатамошно усогласување со директивите на ЕУ. Исто така, поддршка доби и Законот за данокот на солидарност, којшто е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза, а средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки.

„Даночната реформа е дел од сеопфатната реформа во јавните финансии кон која пристапивме пред повеќе од две години, а во текот на минатата година имавме интензивен инклузивен процес со сите засегнати страни, за да ги дефинираме предлозите што ќе придонесат за поголема праведност и правичност во оданочувањето. Таа се темели на Стратегијата за даночна реформа 2021 – 2025 година, усвоена од страна на Владата кон крајот на 2020 година, како дел од нејзината Програма. Целта беше да се обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето и ќе биде во функција на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими, додавајќи дека поддршка за реформата има и од ЕУ и од меѓународните финансиски институции.

Даночната реформа е насочена кон обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија. Поконкрентно, со Предлог-законот за данокот на додадена вредност се врши усогласување со Директивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери. Воедно се предлага продолжена примена на повластената стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови што се користат за станбени цели, во рок од 5 години од изградбата, потоа ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно стапката за прометот на менструални производи се намалува од 18% на 5%, а ќе стартува и примената на повластената стапка од 10% кај дел од прехранбените производи кои не претставуваат основен дел од исхраната. Се воведуваат и одредени новини што ќе придонесат за поедноставување на постапката за наплата на ДДВ.

Вториот закон којшто е дел од даночната реформа е Законот за данокот на добивка, со кој се обезбедува усогласување со препораките од ЕК и меѓународните финансиски институции, во насока на обезбедување подолгорочна стабилност на јавните финансии преку проширување на даночната база, а ќе придонесе и за намалување на административниот товар на компаниите преку поедноставување на одредени процедури од системот на данокот на добивка.

Покрај овие две законски решенија, беше усвоен и Предлог-законот за данокот на солидарност. Овој закон не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата, односно собраните средства по овој основ што ќе се слеат во Буџетот ќе бидат планирани во посебната програма за справување со кризи и ќе се користат за антикризни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. На овој данок ќе подлежат компаниите што оствариле промет над 615 милиони денари во текот на минатата година, а ќе го опфати делот кој претставува зголемување на добивката за 20% во однос на просекот од претходниот тригодишен период. Основната карактеристика на овој закон, кој е препорачан и од ЕК, е солидарноста на дело, а ќе има позитивно влијание и врз одржувањето на нивото на јавниот долг.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *