Вести|

26 септември 2023, Скопје – Скоро 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските фирми годинава или петпати повеќе во споредба со периодот од пред пет години. Исто така, и реинвестираната добивка е ослободена по две основи. Во време на корона-кризата фирмите беа поддржани од државата со низа мерки. По принципот на солидарност, оние фирми што оствариле екстра профит, како резултат на минатогодишните случувања на пазарот, а од кои голем дел претходно користеле владини мерки, треба да придонесат преку плаќањето на данокот за солидарност. Тие средства ќе се користат исклучително за новиот пакет антикризни мерки за граѓаните и фирмите. Ова е една од пораките во рамки на вчерашното гостување на министерот за финаннсии, Фатмир Бесими на ТВ24, каде што учествуваше во дебатата со претставниците на бизнис-секторот.

„Ако погледнеме наназад, директните субвенции од Буџетот во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари колку што изнесуваа во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава, а веќе утре имаме комисиска расправа за покачување на овие средства за дополнителни 1,3 милијарди денари. Државната поддршка за стопанството е сериозна. Да го земеме како пример периодот на корона-кризата – тогаш имаше поволни кредити од ЕИБ, бескаматни кредитни линии, гарантна шема. Но и сега се обезбедени дополнителни 100 милиони евра од ЕИБ и 50 милиони евра од Банката за развој при Советот на Европа“, посочи Бесими и додаде дека и реинвестираната добивка се ослободува, односно се иззема од даночната основа.

Министерот истакна дека најголем дел од компаниите што оствариле екстра профит лани, поточно повеќе од 20% од просекот во претходните три години и подлежат на данокот на солидарност се фирми од енергетскиот сектор (околу 40%), потоа фирми од финансискиот сектор, игри на среќа и трговија на мало (исто така 40%), а 20% се фирми од други дејности.

Бесими посочи дека солидарниот данок е донесен преку инклузивен процес, почнувајќи од декември 2022 година, со одржување повеќе јавни дебати и билатерлани средби со коморите. Во тие дебати биле прифатени низа нивни сугестии од кои едната се однесува на годините што се земаат како основица за пресметка, што влијаеше врз намалувањето на фискалниот ефект на оваа мерка од 90 на 50 милиони евра.

„Свесен сум дека компаниите нема да кажат благодарам за Законот за данокот на солидарност, бидејќи им се наметнуваат нови давачки. Но, кои се импликациите? Импликациите доколку не се реализира данокот на солидарност се дека тие средства ќе треба да се обезбедат на друг начин, а тоа е преку задолжување со камата од минимум 7%. Тие средства повторно ќе ги платат даночните обврзници – ние, идните генерации, но со многу повисок трошок“, посочи министерот Бесими.

 

Данокот на солидарност се воведе во повеќе земји на ЕУ. Тој се заснова врз два принципа – екстра добивка создадена од конјуктурата на пазарот и солидарност.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *