Вести|

27 септември 2023, Скопје – Министерството за финансии денеска го објави Проспeктот за првата емисија зелени обврзници. Ова е втор инструмент кој годинава Министерството за финансии го лансира на домашниот пазар на капитал, збогатувајќи ја понудата на финансиски производи и поттикнувајќи конкуренција.

Зелените обврзници се хартии од вредност што ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Всушност тие се наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и за финансирање еколошки проекти. Овој инструмент, како и претходно воведената граѓанска обврзница, е нов производ на домашниот пазар и е предвиден со Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст.

Првата емисија на оваа зелена обврзница е во износ од 10 милиони евра, а аукцијата ќе се одржи на 3 октомври 2023 година. Граѓаните и правните лица коишто се заинтересирани да учествуваат на аукцијата може да поднесат барање за учество преку банките. Зелената обврзница нуди каматна стапка од 4,75% годишно. Зелените обврзници од оваа емисија се со рок на доспевање од две години, односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година. Каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главнината.

„Целта на воведување на овој инструмент е развивање на пазарот на капитал во земјата, како и забрзување на инвестициската активност што ќе придонесе за забрзување на економскиот раст. Целта на зелената обврзница, како и на другите инструменти предвидени со Планот за забрзан економски раст, а кој се базира на принципот на Јункеровиот план, е покрај јавниот да се мобилизира и приватниот капитал, и тој да се стави во функција на економскиот раст. Тие се дел од предвидените нови механизми, фонодви и извори на финансирање, а нивната цел е да создадат мултипликативен ефект и да мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор, покрај од јавниот сектор“, рече министерот Бесими.

Според министерот, инвестицијата во овој нов инструмент е инвестиција во развојот и поддршка на зелените инвестиции планирани со Буџетот. „Со инвестирање, односно купување зелена обврзница, директно се поддржува развојната компонента во Буџетот, односно зелени инвестиции, насочени кон заштита на животната средина. Оваа година во Буџетот е планиран историски највисок износ на капитални расходи, водејќи се според златното правило во јавните финансии, односно нивниот износ е повисок од буџетскиот дефицит. Тоа значи дека сите средства обезбедени меѓу другото и преку овој инструмент ќе бидат насочени за капитални проекти со карактеристика на зелена инвестиција“, посочува министерот Бесими.

Средствата од оваа аукција ќе бидат насочени кон воспоставениот Фонд за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка, од каде што на компаниите ќе им се нудат поволни средства за реализација на проекти насочени кон заштита на животната средина.

Зелената обврзница на пазарот на хартии од вредност доаѓа по успешното воведување на граѓанската обврзница, за која беше објавена првата емисија во текот на јули 2023 година и за која интересот беше два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.

Согласно Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст покрај овие два инструмента, во наредниот период на пазарот ќе бидат понудени и проектни и развојни обврзници, коишто се насочени кон развојни проекти и проекти поврзани со инфраструктурата. Дополнително, по издавањето на зелената обврзница ќе биде издадена и втората граѓанска обврзница.

Граѓаните и правните лица заинтересирани за учество на аукцијата и запишување зелени обврзници може да поднесат барање заклучно до понеделник, 2 октомври 2023 година.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *